Една септемвриска тетратка на Гордана Михаилова Бошнакоска, цел еден свет (фото)


Фото: Б. Грданоски

Луцидна и инспиративна промоција со убав свет од сите генерации се одржа синоќа  во КИЦ во Скопје по повод најновата поетска збирка „Септемвриска тетратка “ од поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска (1940, Битола), дело во кое личното, книжевното и културното искуство се испреплетуваат  во една необична, жанровски отворена целина.

Книгата, иако потекнува од поетскиот сензибилитет на една од најмаркантните македонски поетеси, во голема мера е прозно интонирана/ Фото: Б. Грданоски

„Септемврика тетратка“, во издание на „Полица“, е книга на творечка зрелост, но и на постојана духовна будност на Бошнакоска, редок спој на дама и плоден автор. Во неа таа не се задржува строго во границите на поетскиот израз. Напротив, стихот и прозата се допираат, се надополнуваат, и понекогаш речиси незабележливо ги менуваат своите позиции. Оттаму и впечатокот дека книгата, иако потекнува од поетскиот сензибилитет на една од најмаркантните македонски поетеси, во голема мера е прозно интонирана. Како што кажа синоќа Бошнакоска „оваа книга е за пријателките кои повеќе сакаат да читаат проза од поезија“.

Во „Септемвриска тетратка“ има и интимност, и сеќавање и книжевна игра, и тивок хумор, но и свест за минливоста, за човекот и неговото место во времето/ Фото: Б. Грданоски

Нејзината особеност е токму во таа слободна комуникација меѓу жанровите. Поетското се појавува во раскажувањето, а прозното во стихот, создавајќи песни што повеќе се читаат  како фрагменти од еден внатрешен дневник- како записи од животот, сеќавањето, литературата и времето.

Авторката ги спомнува и Френк Синатра и Шерлок Холмс, но и големите имиња на македонската и балканската литература и уметност- Личеноски, Ренџов, Левчев/ Фото: Б. Грданоски

Во страниците на „Септемвриска тетратка“ се среќаваат различни културни и книжевни асоцијации. Авторката ги спомнува и Френк Синатра и Шерлок Холмс, но и големите имиња на македонската и балканската литература и уметност- Личеноски, Ренџов, Левчев. Тие не се само имиња или референци, туку своеобразни точки на културната меморија низ кои авторката го осветлува сопствениот поетски свет.

Фото: Б. Грданоски

Така, книгата станува своевидна средба на различна времиња, уметности и гласови. Во неа има и интимност, и сеќавање и книжевна игра, и тивок хумор, но и свест за минливоста, за човекот и неговото место во времето.

Меѓу гостите и поетот и долгогодишен пријател и промотор, Бранко Цветкоски/ Фото: Б: Грданоски

Промоцијата беше можност да се проговори за едно дело во кое зрелоста и „есента“ на животот не значи затворање, туку напротив – отворање кон нови книжевни форми, кон различни уметности и колективното паметење.

Меѓу гостите и академик Влада Урошевиќ/ Фото: Б. Грданоски

„Септемвриска тетратка“  останува како тивка, но будна книга- тетратка на една авторка која низ зборот го бележи времето, но и времето во себе.

Убав свет се собра синоќа во КИЦ во Скопје/ Фото: Б. Грданоски

Книгата, шеснаесетта по ред на Бошнакоска, со инспиративна беседа ја промовираше  Сузана В. Спасовска, а стиховите ги кажуваа артистите Софиа Насевска Трифуновска и Борче Начев.

Фото: Б. Грданоски
Бошнакоска – редок спој на дама и плоден автор/ Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски