„Профундис“ и Стефан Миленковиќ на „Охридско лето“ на 6 август – илјадници свеќи ќе го осветлат предворјето на „Св. Софија“
Камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица
Дашиќ, на 6 август ќе настапи во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид, заедно со светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ, во рамки на официјалната програма на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Во магичниот амбиент на „Св. Софија“, под отворено небо и во светлината на илјадници свеќи,
публиката ќе има можност да доживее уникатен „кендлајт“ концерт, кој ги обединува врвната музичка интерпретација, впечатливата сценографија и неповторливата атмосфера на еден од најзначајните културно-историски локалитети во Македонија.
Концертите под свеќи во последните години станаа еден од најпрепознатливите светски концертни формати, носејќи сосема поинаков начин на доживување на класичната музика. Наместо традиционална концертна сцена, публиката добива интимно и визуелно впечатливо искуство во кое светлината, архитектурата и музиката се спојуваат во една целина. Токму спојот на музиката, светлината и автентичниот простор на „Св. Софија“ ветува концертно доживување што долго ќе се памети.
На програмата се дела од Петар Илич Чајковски, Ралф Вон Вилијамс, Камиј Сен-Санс и Пабло де Сарасате. Публиката ќе ги слушне „Серенада за гудачи“ оп. 48, „Возлет на чучулигата“, „Интродукција и Рондо капричиозо“ и виртуозната „Кармен фантазија“ оп. 25, едно од највпечатливите и технички најпредизвикувачки дела за виолина, кое претставува вистински предизвик и за најголемите светски виртуози.
Маестра Ѓурѓица Дашиќ, основач и диригент на Камерниот оркестар „Профундис“, вели дека токму ваквите проекти се дел од визијата на ансамблот – класичната музика да се доживее на нов и поинаковначин.
„Кендлајт концептот отвора нов простор за комуникација со публиката. Тоа не е само концерт, туку целосно искуство во кое музиката, атмосферата и просторот се надополнуваат. Предворјето на „Св. Софија“ е место со исклучителна енергија и историја, а верувам дека во комбинација со музиката на Чајковски, Сарасате и останатите автори ќе создадеме вечер која ќе остане во сеќавањето на публиката.
Особено ме радува повторната соработка со Стефан Миленковиќ, со кого имаме исклучителна музичка синергија и заедничка енергија на сцената.“
За Стефан Миленковиќ, повторниот настап со Камерниот оркестар „Профундис“ претставува нова можност за средба со ансамблот со кој веќе има воспоставено силна уметничка комуникација.
„Секогаш со големо задоволство настапувам со Профундис. Тоа е оркестар со извонреден квалитет, но пред сè со исклучителна енергија, карактер и ентузијазам. Од првата наша соработка почувствувавме природна музичка синергија и меѓусебна доверба, а токму тоа е она што ја прави секоја изведба жива и искрена. Сигурен сум дека амбиентот на „Св. Софија“, под отвореното небо и светлинатана илјадници свеќи, ќе создаде навистина посебна атмосфера во која публиката ќе може целосно да ѝ се препушти на музиката. Македонија е земја која многу ја сакам и секогаш со голема радост се враќам тука, а особено ми е драго кога повторно имам можност да настапам во прекрасниот Охрид.“
Основан во 2019 година од диригентката Ѓурѓица Дашиќ, Камерниот оркестар „Профундис“ за само неколку години се наметна како еден од најактивните и најпрепознатливите камерни состави во Македонија и регионот. Оркестарот реализираше бројни концерти со врвни домашни и светски солисти, настапуваше на значајни фестивали и концертни сцени во Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина и Италија, а препознатлив е по оригиналните концертни концепти, меѓу кои се издвојуваат Candlelight и Groove.
Концертот на 6 август е дел од програмата на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, една од најзначајните културни манифестации во Македонија, регионот и пошироко.
Стефан Миленковиќ е еден од најпознатите виолинисти на својата генерација, уметник со
повеќедецениска меѓународна кариера и настапи на најзначајните концертни сцени во светот.
Роден во Белград, Миленковиќ започнува да свири виолина на тригодишна возраст, а веќе како дете настапува како солист со водечки оркестри низ светот. Неговата кариера вклучува настапи во најпрестижните концертни сали и соработки со реномирани диригенти и ансамбли.
Познат по својата виртуозност, музикалност и широк репертоар, Миленковиќ изведува дела од барокот до современата музика, а покрај солистичката кариера активно се посветува и на едукативна и уметничка работа.
Ова ќе биде повторна соработка меѓу Стефан Миленковиќ и Камерниот оркестар „Профундис“, по нивните претходни успешни заеднички настапи, кои беа препознаени по силната музичка комуникација и енергијата на сцената.