Гаши го тргна од дневен ред контроверзниот закон за „Скопје – престолнина на културата“
Со законот требаше да се суспендира јавната контрола за набавки од 21 милион евра. Остри реакции на законот и од опозицијата и од гражанските организации и од ДКСК
Законот за Скопје – европска престолнина на културата 2028 година нема да се најде на дневниот ред на денешната 119. собраниска седница. Ова е компромисот кој на вонредната координација на претседателот на Собранието Африм Гаши и шефовите на пратеничките групи е договорен откако претходно опозицијата со процедурални забелешки не дозволи да се утврди дневниот ред. Договорено е законот да биде ставен на нова седница по летниот одмор на пратениците.
Предлагајќи го дневниот ред, Гаши пред пратениците го изостави овој закон и ниту спомена дека е тргната точката ниту, пак, даде образложение, на што реагираа пратениците од ДУИ. Пратеникот Талат Џафери посочи дека се крши Деловникот оти спикерот нема право да го менува дневниот ред со кој ја свикува седницата, туку тоа право му припаѓа на предлагачот на точката.
Пратеничката Рина Ајдари инсистираше да се даде образложение зошто е повлечена точката. „Добро би било многу сериозно да се преземе почитување на Деловникот на Собранието. Вие нè повикавте на вонредна координација. Добро би било да образложите зошто се трга од дневен ред точката за проектот ‘Скопје 2028’ и за да бидеме транспарентни треба да се каже. Да ги делегирате пратениците кои го предложија законот, да кажат зошто е симната точката од дневен ред и каде се недостатоците. Продолжувате како ништо да не се случило, а имаше вонредна координација. Мора да дадете објаснување зошто беше симната од дневен ред оваа точка – со сите забелешки и дискусии кои ги имавме на вонредната координација, должни сте на тоа“, кажа Рина Ајдари од ДУИ.
Откако беше прозван, спикерот Гаши посочи дека така било договорено на координација. „Во договорот помеѓу нас во координација, главен проблем во предлог-законот за ‘Скопје 2028’, беа процедуралните забелешки и изнајдовме компромис таа точка да биде симната од дневен ред. Јас го направив тоа, не го повикав претставникот на пратениците да се предложи законот и таа точка не беше ставена за образложение“,рече спикерот Гаши.
Претходно опозициските ДУИ, Албанска лига и Алијанса за Албанците жестоко реагираа дека Гаши не го почитува Деловникот и дека материјалите на албански јазик немаат потпис од претседателот и се без архивски број, односно дека Гаши со тоа „гази по албанскиот јазик“.
Опозициските пратеници при процедуралните забелешки си разменија со Гаши навреди, закани и предупредувања поради што собранискиот спикер свика вонредна координација.
Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ предизвика реакции уште пред да започне денешната собраниска расправа. Спорен е начинот на кој е предвидено да се управува со проектот и со јавните средства, особено поради предложеното основање посебна фондација која би била одговорна за реализацијата и можноста таа да има посебен режим во однос на постојните правила за јавни набавки.
Предлагачите сметаат дека посебниот закон е неопходен за ефикасна реализација на европскиот проект, а големите критики беа насочени кон тоа дека ќе нема контролата врз трошењето на јавните пари.
Опозициските партии го оспорија предлогот. СДСМ, ЛДП и Левица побараа негово повлекување. Се јави и Антикорупциската комисија која предупреди дека секое ограничување или исклучување на примената на системските закони, особено Законот за јавни набавки, мора да биде детално образложено и проследено со силни механизми за контрола.
Либерално-демократската партија (ЛДП) веднаш ја поздравува одлуката за тргање од дневен ред на спорниот Предлог-закон и рече дека ова е директна победа на силниот притисок од антикоруптивната јавност, ДКСК, граѓанските организации, кои не дозволија по скратена постапка да се протурка закон чија единствена цел беше суспендирање на Законот за јавни набавки за сума од 21 милион евра.
Но ЛДП предупредува дека простото симнување на точката од денешната седница не е доволно. ЛДП бара итно и целосно повлекување на предлог-законот од собраниска постапка. Договорот зад затворени врати не смее да послужи само како маневар за купување време и за подоцнежно прошверцување на истиот коруптивен модел. „Тоа сценарио сме го виделе порано“, велат од партијата.