Мицкоски објави зошто водата во Гостивар не е уште за пиење – имало нова бактерија во инсталациите

Премиерот вели дека резидуалната бактерија во инсталациите се појавила со хиперхлорирањето и прочистувањето


Фото Б. Грданоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Делчево откри зошто водата во Гостивар не е сѐ уште за пиење, туку може да се користи само за техничка употреба – имало резидуелна бактерија во инсталациите.

„И уште некое време таа вода така ќе остане. Сега веќе во инсталацијата ги нема оние фекални колиморфни бактерии како што се нарекуваат, но се појави една нова резидуална бактерија која што во инсталациите е присутна поради тоа што долго време не биле користени, а сега со прочистување и со хиперхлорирањето се појавува. Очекувам и овој предизвик да биде надминат. И откако тој предизвик ќе биде надминат, тогаш очекувам конечно да се одобри таа вода и за користење односно за пиење и за готвење“, рече Мицкоски. 

Тој денеска му даде задачи на Обвинителството уште денеска да влезе во некои институции и да провери како се работело на заштита на водата во 2021. Тој го повика Обвинителството да отпочне постапка за проверка на 400 пријави за неквалитетна вода во 2021 година во Гостивар во времето кога Венко Филипче беше министер за здравство.Овие задачи беа дадени како одговор на новинарско прашање за 2021 година.

„Јас го повикувам Обвинителството, одовде, од Делчево, да ги провери овие наводи за коишто сега зборувам и да отпочне постапка зошто овие луѓе, кога имале можност, не преземале ништо и не го заштитиле здравјето на гостиварци. Но, не само на гостиварци, туку и на граѓаните во другите општини. Значи, Обвинителството мора да постапи по оваа информација којашто, еве одовде, сакам да ја испратам. И очекувам Обвинителството веднаш, уште денеска, да влезе во Институтот за јавно здравје, во Агенцијата за храна и ветеринарство, да ги провери овие наводи за коишто денеска зборувам“, изјави Мицкоски.

На ова реагираа од СДСМ велејќи дека „шефот на банда Мицкоски повторно се заканува со Обвинителството. Повторно ги злоупотребува семејствата на настраданите во ковид и во модуларната болница. Повторно лажни обвинувања, затоа што е виновен за труење на народот.

Повторно си игра со емоциите и чувствата на семејствата на настраданите. Повторно без трошка морал и образ“.