Уште 10 училници и спортска сала добива ООУ „Блаже Конески“


Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид во градежните активности во ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, каде што се реализира втората фаза од еден од најзначајните капитални проекти во областа на образованието во Општина Аеродром.

Градежните активности се одвиваат според предвидената динамика, а со реализацијата на проектот Аеродром ќе го добие едно од најмодерните, најфункционалните и најубавите основни училишта во земјава, изградено и опремено според најсовремени стандарди за образование.

Учениците веќе ја следат наставата во новоизградениот училишен објект, а со втората фаза целосно се заокружува проектот за проширување и модернизација на училиштето. Оваа фаза опфаќа изградба на нова спортска сала, 10 нови училници, кабинет за информатика, современа библиотека и просторен хол наменет за дружење и заеднички активности.

По завршувањето на проектот, ООУ „Блаже Конески“ ќе располага со значително поголеми просторни капацитети и современи услови за изведување на наставата. Со новата спортска сала училиштето ќе има две модерно опремени спортски сали, што ќе овозможи поквалитетна настава по физичко и здравствено образование и повеќе можности за спортски активности.

Проектот опфаќа и целосно партерно уредување на училишниот двор, изградба на ново отворено спортско игралиште, поставување нова урбана опрема, уредување зелени површини со нови садници, изградба на нов паркинг, како и целосно опремување на училиштето со нов училишен мебел и опрема.

Вкупната вредност на втората фаза од проектот изнесува 253 милиони денари.

Општина Аеродром продолжува со реализација на капитални инвестиции во образованието, создавајќи современи, квалитетни и безбедни услови за учење, развој и успех на новите генерации.