Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил го нападна денес предлог законот што по скратена постапка дојде во Собранието а се однесува на проектот „Скопје – европска престолнина на културата во 2028 година“.
-Денеска, во Собрание, по итна постапка ни пуштија Предлог-закон за Скопје град на културата 2028 ма. Не знам од каде да почнам, настрана номотехниката, печатните грешки и недефинираните поими и концепти, Законот е буквално лекс-специјалис ама по специјал дури и од оној за Бехтел и Енка. Орце од кај пругите во Драчево е назначен за Папа на културата: Он прави Статут, Програма, гради руши, се! Го именува и Одборот и Надзорниот одбор. Ако нема Одбор, може директно да го именува и директорот. Ма може и ќе пее на некој настан…“, стои во реакцијата на Исмаил додека трае расправата во Собранието.
– Уште поинтересно е што постојните културни установи на Град Скопје не се поставени како темел на проектот. Тие само „можат да учествуваат“. Додека пропаѓаат со руинирани објекти, застарена опрема и недоволни програмски средства, ќе создадеме паралелен културен систем што ќе ги дели парите, ќе ја креира програмата и ќе одлучува кој е доволно „европски“ за да учествува. Ама затоа, ќе има комерцијализацијата на културата: преку таканареченото „корпоративно културно партнерство“, каде банкаро-културњаците ќе можат да си купат сцена, програма и аниматори! Програмата е сведена на оној што ќе плати да може буквално да си го стави името на сцената. Наместо културните простори да го носат идентитетот на градот, неговите уметници и културната традиција, тие се претвораат во рекламна површина што може да се купи со пари. Така, политиката ќе одлучува кој ќе настапува, а капиталот што ќе се прикаже на подиумот – нагласува Исмаил.
Тој дополни дека можеби во 2028 година ќе имаме многу сцени, светла и свечени говори од Чат ЏПТ на Орце, а во 2029 година истите установи повторно ќе бараат пари за покрив што протекува!
– На набавките на Фондацијата воопшто нема да се применува Законот за јавните набавки. Наместо тоа, Фондацијата ќе си донесе интерни правила и потоа сама ќе си набавува стоки, услуги и работи. По приговорите ќе одлучува Одборот што ги донел правилата. Значи: сами си ги пишуваат правилата, сами ги спроведуваат и сами одлучуваат дали постапиле правилно. Навистина впечатлив модел на „независна контрола“.
Законот овозможува и интервенции во културните простори без урбанистички измени, дозволи и согласности. А, ако Управата за заштита на културното наследство не даде мислење за 15 дена, ќе се смета дека мислењето е позитивно?! Познато нели, молчењето на институцијата не е административен неуспех, туку стручно одобрение. Особено кога треба нешто да се гради, адаптира или плати набрзина, пишува Исмаил, па додава:
-Во Предлогот нема ништо за тоа колку овој евро-вмровски панаѓур ќе ја чини државата! – нагласува пратеникот. Потоа истакнува дека „после завршување на проектот, Законот наложува ЗАДОЛЖИТЕЛНО да се основа уште една нова јавна установа како наследник на Фондацијата. Нема утврден објект, нема број на вработени, нема пресметан буџет и нема објаснување зошто нејзините обврски не можат да ги преземат Градот и постојните културни установи. Во превод, додека постојните установи пропаѓаат, нам ни треба уште една: нов директор, нов управен апарат и нова трајна буџетска обврска. Очигледно, најтрајното културно наследство од „Скопје 2028“ треба да биде администрацијата.
Култура – под Орце папата; Фондација – над законите и сите прописи па дури и безбедносни протоколи; А, сметката, е таа подалеку од очите на јавноста, само во фиоката на Орцета – заклучува на крајот во објавата Исмаил.