Интервју со Давидовиќ за „Рекет“: Обвинителството се однесува нелогично и непрофесионално


Двете снимки што ги објави италијанскиот весник на одреден начин и ги појаснуваат и ги заплеткуваат работите. Изгледа ли логично за некој што е уценет и потоа рекетиран да биде насмеан, расположен, па дури и да делува среќно и весело кога објаснува како ја одбрал торбата?

-Снимките кои ги објави италијанскиот весник ги појаснуваат работите кои се случувале помеѓу лицата инволвирани во најголемата афера која ја тресе државата. Покрај ова, снимките ја отсликуваат улогата на дел од инволвираните во настанот, велам дел, затоа што се сомневам дека повеќе лица учествувале во преземање на инкриминирани дејствија од оние кои се слушаат на овие две снимки. Правната квалификација која е првично поставена не значи дека ќе опстои до крај како таква при обезбедување на дополнителни докази. Она што од вчерашната снимка може да се заклучи, но и од претходната, е дека работите не се баш онакви како што првично ги прикажа обвинителството за организиран криминал. Тешко дека ќе може да излезе ова обвинителство со истата квалификација и по прибавување на сите докази, затоа што снимките покажуваат дека некој сака својата положба во предметот кој се води против него да ја подобри со давање пари, а тоа секогаш се викало давање на поткуп или мито.

Аудио снимката ја става во речиси невозможна ситуација обвинителката Лиле Стефанова која од петни жили од првиот момент се обидува да ја убеди јавноста дека нема ништо со случајот. Дали сега нејзината истрага за „Империја“ е целосно доведена во прашање и веќе не е валидна?

-Незаконити дејствијата на кој било обвинител, па и на Катица Јанева или Лиле Стефанова, не значат автоматски и незаконитост на постапките кои ги воделе како обвинители. Треба да се раздвојат работите на она што значи водење предмет и барање поткуп. Ако предметот кој го водел обвинителот е воден на законит начин по прашање на обезбедување на доказите и доказите се вистинити и веродостојни, во тој случај незаконитите дејствија на обвинителот а по прашање на поткупот, не влијаат на самиот предмет и вината на осомничениот или обвинетиот во тој предмет. Со други зборови, ако осомничениот го сторил кривичното дело за кое се товари, а за тоа постојат докази кои не се исфабрикувани, туку се вистинити и квалитетни, тогаш дејствијата на обвинителот се небитни за завршување на предметот и тој треба да добие судска завршница. Обвинителот кој се дрзнал да бара поткуп или да делува незаконски за да ја подобри положбата на осомничениот во предметот треба за тоа да одговара заедно со оној кој го дал поткупот.

Дали обвинителството е на нивото на јавниот интерес за овој случај. Гледаме дека обвинителите немаат намера да се вратат од одморите. Дали тоа покажува неодговорност или пак може да се работи за нешто друго?

-Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција не само што не е на ниво на јавниот интерес за овој случај, туку не е ни на нивото на она што законот го налага. Срамно е што до сега ова обвинителство не преземало дејствија кои требало според закон да ги преземе туку си замина на одмор. Срамно е што тоа презема дејствија откако снимките јавно ќе се објават па се приморани да превземат дејствија и покрај тоа што веќе ги имале овие докази в раце. А ако ги немале тогаш е уште полошо и ја покажува површноста на обвинителството во водење на предметот и некадарноста вистински, брзо, квалитетно и целосно да се справи со криминалот и да обезбеди докази со кои располага еден весник. По однос на јавниот интерес, безброј пари сум кажал дека токму нетранспарентноста во вакви предмети многу скапо го чини обвинителството по однос на довербата и неговата репутација, затоа што отвара можност за секакви шпекулации во јавноста, вознемиреност и општо лошо мислење за кадарноста и независноста на обвинителството. Ваквото однесување на обвинителството е нелогично и непрофесионално кога државата ја тресе ваков скандал.

Како Ви изгледа овој случај „Рекет“ – го заслужува ли огромното внимание на јавноста поради тоа што се вклучени познати личности или пак е пренадуван поради уште поголемиот политички влог во него?

-Дали „Рекет“ го заслужува вниманието на јавноста? Апсолутно да, и тоа од неколку причини. Прво, затоа што е вмешан специјалниот јавен обвинител кој доби невидена подршка и симпатии во јавноста и затоа што во него луѓето гледаа светла точка во борбата против корупцијата и криминалот на недопирливите и мислеа дека преку него судстото може да заживее. Од анонимен јавен обвинител преку ноќ стана јавен обвинител во кој се полагаа сите надежи за добивање на правдата и одговорност на сите недопирливи, а самата стана мега звезда чиј лик и име го носеа сите. Второ, во конкретниот предмет се инволвирани бизнисмени и јавни личности кои до сега беа недопирливи и никој не можеше да замисли дека тие ќе бидат изведени пред лицето на правдата, а што беше едно од главните барања и заложби на луѓето и „Шарената револуција“. Трето, оваа афера покажува дека ниту судството ниту обвинителството не се мрднати од точката на Сваровски судството и дека политиката сѐ уште има огромно влијание врз нив и дека е на толку ниски морални и професионални гранки и толку е порозно што е возможно да се корумпира дури и специјален јавен обвинител. Се разбира, ако сево ова е точно.

Дали за едно кило месо треба да се заколе цел вол – т.е. поради тоа што потклекнале еден или двајца обвинители да се поништи целото СЈО и политичарите да здивнат дека ќе има една институција помалку што ќе ги гони за нивните можни криминали?

-Однесувањето на поединци па иако биле и на чело на институцијата, која ја водат не значи дека и сите останати вработени се инволвирани во незаконските дејствија на тие поединци. Но секако инволвираноста на секој обвинител во Специјалното јавно обвинителство по вакви сомневања во првиот човек на СЈО треба целосно и до крај да се испита за да се симне дамката на оние обвинители кои немаат никаква врска со оваа афера. Така требаше да се постапи и со редовното обвинителство и со судиите, но за жал тоа не се направи на самиот почеток, а за што и јас и неколкумина други се залагавме. Немањето слух и нереалното согледување на состојбата во правосудството, која ќе влијае на иднината, а токму тоа се случува сега, остави простор да не се санкционираат досегашните коруптивно криминални дејствија на дел од луѓето во правосудството, понатаму не ја симна дамката од чесните во правосудството и овозможи да се случи една ваква афера. Токму неказнивоста, немање на одговорност и санкции за залутаните во правосудството и чувството на недопирливост и неказнивост дирекно влијаеше на оваа афера.

Специјалното јавно обвинителство мора да постои по прочистувањето на редовите и ревизија на работењето и неговото позиционирање во рамките на редовното обвинителство, затоа што на една држава како што е нашата, тоа ни е неопходно за справување со високиот криминал. Штета е што идејата за СЈО, која е во основа добра, некои поединци ја испоганија.

Македонија стана „бомбашка“ држава. Може ли на овој начин таа да продолжи да функционира, бидејќи очигледно секој секого снима и потоа треба да се извлечат одредени користи од тоа а не да се водат зацртани политики. Може ли да се ограничи оваа „бомбашка“ офанзива?

-За жал, точно е дека ние станавме на некој начин „бомбашка“ држава во која секој секого снима заради определена корист или претходно смислен план за создавање на некаква афера. Загрижува што оваа пракса ја создаде самата држава преку УБК и што им покажа на луѓето дека со снимки може дури да се сруши и влада, но најтрагично и најзагрижувачки се две работи. Првата е што најголемиот дел од снимките е автентичен и точен и покажува колку длабоко сме заглибени во корупција и криминал, а втората е што ја покажува некадарноста на нашите служби и органи да го откријат криминалот и да се справат со него во рана фаза или пред излегување на снимките или „бомбите“ како што се нарекуваат. Сево ова покажува колку сме далеку од една нормална функционална и организирана правна држава.

Љупчо Поповски