Рокас како и Кошта: Уставните измени се услов за пат напред


 

Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска ја повтори изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека уставните измени треба да се усвојат за да може земјата да продолжи на европскиот пат.

„Како што знаете, претседателот на Европскиот совет беше овде и тој даде изјава и беше доста јасен. Сите знаеме дека заложбите направени во 2022 година треба да бидат спроведени. Со тоа има голема определба Северна Македонија да го почне процесот на преговори и нема сомнеж дека земјата припаѓа на европското семејство. Работиме многу активно со цел неопходните услови да се исполнат и да одиме напред. Најважно е во меѓувреме да имаме доверба и се надевам дека нашите соседи заедно со Европската унија ќе бидат многу контруктивни во наредните денови и месеци“, изјави Рокас.

Шефот на делегацијата на ЕУ во земјата изјавата ја даде за време на паузата на 23. конференција на КОСАП – Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција во процесот на стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа – одговарајќи на новинарско прашање дали ЕУ има план Б за земјата имајќи ги предвид уставните измени. 

Рокас оцени дека главната порака на оваа конференција беше пораката за заедништво дотолку повеќе што таа се одржува истовремено со самитот на Западен Балкан во Тиват, од каде што има големи очекувања, особено имајќи го предвид заедничкото писмо од францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Мерц во однос на тоа како ќе го унапредиме и симплифицираме процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ.