Повозрасните и ранливи граѓани од Гази Баба ќе добиваат помош
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека денеска потпишале договор со министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и секретарот на Црвениот крст на Македонија Сузана Тунева Пауновска, со кој се обезбедува грант за развивање на социјалната услуга „Помош и нега во домот“, која ќе ја реализира Црвениот крст на територијата на Општина Гази Баба.
„Со оваа услуга создаваме дополнителна поддршка за лицата кои поради возраста, здравствената состојба, попреченоста или други животни околности имаат потреба од помош и поддршка во секојдневното функционирање во сопствениот дом. „Помош и нега во домот“ не е само социјална услуга – таа е конкретна поддршка, внимание и човечка грижа за оние на кои им е најпотребна“, истакна Стефковски.
Тој посочи дека особено значајно било што преку оваа услуга им овозможуваат на повозрасните и ранливите граѓани да добијат соодветна помош во нивниот дом, во средината во која се чувствуваат најсигурно и најкомотно.
Согласно важечкиот Правилник за начинот и обемот на социјалните услуги, нормативите и стандардите за давање на социјалната услуга „Помош и нега во домот“, како и дозволата за вршење дејност од социјална заштита, ќе се обезбедуваат активности прилагодени на потребите на корисниците.
„Подаваме рака на оние на кои им е потребна нашата помош, затоа што солидарноста, човечноста и грижата за другиот се вредности кои треба секојдневно да ги негуваме. Сакаме нашите сограѓани да знаат дека имаат поддршка, дека нивните потреби се важни и дека институциите и организациите можат заеднички да направат вистинска промена во нивниот живот“, порача градоначалникот.