Клековски: Се подготвуваме да потпишеме меморандум со СБ и ЕИБ и за финансирањето на инвестициите во болниците во Штип, Тетово и Кичево
Се подготвуваме да потпишеме меморандум за натамошните чекори со Светскатабанка и Европската инвестициска банка (ЕИБ) и финансирањето, што се однесува на капиталните инвестиции во клиничките болници во Штип, Тетово и Кичево, ќе биде комбинирано од двете институции. Министерството за финансии оцени дека нивната понуда е поповолна бидејќи е на подолг период и има грант-компонента. Ова денеска го истакна министерот за здравство, Сашо Клековски.
Тој посочи дека многу бргу ќе се распише тендер за завршување на првата фаза на болницата во Штип бидејќи тој проект е во две фази.
– Првин се завршува новата зграда, а потоа се рушат дел од старите згради и се доградува дијагностичкиот дел на местото на кое се сега некои од старите објекти. Еден стар објект ќе биде зачуван за палијативна нега – рече Клековски одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за епидемиолошката состојба со западнонилска треска во земјата.
Во врска со новиот клинички центар, рече дека треба да бидеме свесни и за финансиските и за организациските аспекти и дека негов фокус како министер е првин да се заврши она што е пократкорочно.
Тој потенцира дека е распишан и јавниот повик за реконструкција на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид за што од 2017 година е раскинат договорот и не е пристапено кон завршување.
– Во однос на објектите и инфраструктурата, мојот приоритет е најбргу да ги завршиме тие што се најблиску до завршување и да се фокусираме на тоа. Проектот за болницата во Тетово е во напредна фаза. За сите три проекти Светската банка има свои прашања, одговори, комуницираме дневно, го формиравме тимот што ќе работи на тоа. Тоа е во апсолутните приоритети. Објектот, кој е почнат во Кичево, е преголем за сервисирање на оваа општина земајќи ги демографските промени таму и тоа мора да се земе предвид. Алтернативната локација е на земјиште во Министерството за одбрана во старата касарна на влезот во Кичево со идеја да се обезбеди полесен пристап на пациенти и амбулатни возила – додаде Клековски.