Дали постои дил меѓу Мицкоски и „Пуцко петрол“ за случајот „Мазут“, прашува СДСМ


 

СДСМ прашува дали има дил меѓу премиерот Христијан Мицкоски и Асмир Јахоски од „Пуцко петрол“, еден од осомничените во случајот „Мазут“.

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитриевиќ, посочи дека постојат сериозни сомнежи за политичко влијание врз правосудниот систем и селективна правда откако овој случај беше прекинат од обинителството.

„Како тоа се одредува притвор за недокажани 1.800 евра, а се прекинува постапка за 167 милиони евра?. Како тоа бодигардот на Мицкоски условно се пушта за претепување, а за недокажани 1.800 евра се одредува притвор?“, рече тој.

Генералниот секретар на СДСМ го повика обвинителот Савески да го викне Панче Тошковски да ги достави доказите за кои јавно рече дека ги има.

„Јавниот обвинител Ненад Савески на брифинг со новинари застана зад обвинителката која го запре случајот ‘Мазут’ проценет на 167 милиони евра. Но, Савески кажа и една многу важна работа, дека ‘доколку во иднина се појават нови околности или релевантни докази, случајот може повторно да биде активиран’. Само неколку часа по брифингот на Савески и овие негови изјави, министерот Панче Тошковски, во интревју на телевизија рече дека има докази кои јавноста не ги знае и дека сите ќе бидеме шокирани. Бараме јавниот обвинител да го повика Панче Тошковски да му ги достави доказите за кои јавно зборува дека ги има“, рече Димитриевиќ.