БРТ откочен – ќе се развива велосипедската инфраструктура
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес-конференција изјави дека општините во земјава во изминатиот период добиваат силна поддршка од Владата и од Светската банка за реализација на капитални и инфраструктурни проекти, а меѓу најзначајните инвестиции ја посочи набавката на нова механизација за комунална хигиена.
Градоначалникот истакна дека една од клучните теми на кои се работи е урбаната мобилност и одржливиот транспорт, не само во главниот град, туку и во останатите општини во Македонија. Во таа насока, тој се осврна и на проектот за брз автобуски превоз (БРТ), при што посочи дека процесот е повторно активиран и дека е обезбедена поддршка од Владата за негово понатамошно реализирање.
Исто така, покрај подобрувањето на протокот на сообраќајот, најави дека во наредните три до четири години ќе се инвестира и во развој на велосипедската инфраструктура, пешачките патеки и други решенија што ќе им понудат на граѓаните алтернативни начини на движење.