Учениците од ООУ „Дане Крапчев“ со највисоко општинско признание за освоеното второ место на FIRST LEGO League


Градоначалникот, Бобан Стефковски сподели дека денеска имал особена чест во Општина Гази Баба да ги прими учениците од ООУ „Дане Крапчев“, за кои вели дека испишале историја, освојувајќи го второто место во светот на престижниот натпревар FIRST LEGO League во роботска игра.

„Во конкуренција од 55 држави и повеќе од 1000 ученици од целиот свет, нашиот тим со освоени 525 бодови се искачи на самиот светски врв и уште еднаш докажа дека Македонија има млади таленти кои со своето знаење, креативност и посветеност можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во светот“, истакна Стефковски.

Како признание за овој историски успех и за афирмацијата на Општина Гази Баба и државата на меѓународно ниво, Општина Гази Баба им го додели највисокото општинско признание, како и парична награда од 10.000 денари за секој ученик и наставник-ментор кој е дел од победничкиот тим.

„Ова не е само победа на еден тим. Ова е победа на знаењето, трудот, упорноста и вербата дека со работа и посветеност нема недостижни цели. Седум месеци овие млади генијалци живееја за својот сон. Учеа, создаваа, експериментираа, се соочуваа со предизвици и никогаш не се откажаа. Денес нивниот успех е гордост за Гази Баба, за Скопје и за цела Македонија. Искрени честитки и огромна благодарност до наставничката по информатика Марина Пејковска, која со својата стручност, пожртвуваност и љубов кон учениците седум месеци неуморно го водеше тимот кон овој историски резултат“, посочи градоначалникот.

Тој исто така упати голема благодарност и до сите ментори кои со својата енергија, организација, визија и поддршка помогнале секоја идеја да стане реалност и секој предизвик да се претвори во нова можност за успех.

„Вие сте нашата гордост, нашата иднина и најубавиот доказ дека Македонија има генерации кои можат да освојуваат светски врвови. Продолжете да сонувате големи соништа, да создавате и да победувате – затоа што целиот свет веќе слушна за вас“, порача Стефковски.