Мостот на Маркова Река готов на почеток на септември – драчевци да се стрпат
На почетокот на септември треба да заврши реконструкцијата на мостот на Маркова Река на патот што води кон Драчево, која започна пред неколку дена. Така е предвидено во договорот помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и изведувачот на градежните работи Друштвото за градежништво и проектирање „Синтек Инженеринг“ ДООЕЛ, од село Бразда, информираат од ЈПДП.
Дотогаш треба да се стрпат драчевци и сите други граѓани кои секојдневно минуваат преку овој мост на пат кон работните места минувајќи низ сообраќаен хаос, кон кој придонесува и реконструкцијата и проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“.
За реконструкција на мостот, кој беше во катастрофална состојба, ќе се потрошат околу 4,6 милиони денари, односно околу 75.000 евра, средства обезбедени од буџетот на јавното претпријатие.
– Градежните работи опфаќаат санацијата на горниот строј на мостот, при што ќе се изврши отстранување на постојните дилатациони фуги, сливници, асфалт, ограда и тротоари. Потоа, ќе се постави нова бетонска плоча, хидроизолација на мостовската конструкција, асфалтирање, како и изградба на нови тротоари и поставување на нова ограда – велат од ЈПДП.
За време на изведувањето на работите, сообраќајот ќе се регулира со светлосна сигнализација, при што возилата ќе се движат наизменично во една сообраќајна лента.
Денеска увид во градежните работи на мостот извршија директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, заедно со градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска. Тие констатираа дека градежните активности се одвиваат забрзано и со темпо кое е прилагодено на летниот период кога сообраќајот се одвива со намален интензитет, со цел да се минимизира застојот и влијанието врз учесниците во сообраќајот.
ЈПДП се грижи за безбедноста и одржувањето на повеќе од 1.100 мостови на државните патишта на целата територија на државата.
– Следејќи ја состојбата на мостовите, повремено се создава потреба од одржување на горниот строј на мостовите, односно потреба од нивна промена заради пропаѓање на најлесно расипливите делови – дилатации, асфалт и другите негови елементи со цел зајакнување на нивната безбедност и сигурност на учесниците во сообраќајот – информираат оттаму.