Новогодишно издание на „Стисни Плеј“- за оние кои прават разлика


Музичката емисија „Стисни Плеј“ веќе единаесет години го збогатува етерот со свој поглед на македонската музичка сцена преку каналите на Националниот Сервис, меѓутоа, низ годините оваа емисија прерасна во многу повеќе од само информативен магазин за актуелностите, туку истата доби димензија на вистински “ветер во грб“ за македонските артисти.

Водени од синергијата со македонската музичка фела која беше особено изразена во последните неколку сезони и поддржани од Македонската Телевизија, авторката на емисијата Александра Јовановска и нејзиното ново засилување Јана Бурческа, одлучија годината да ја заокружат со специјално издание во кое ќе дадат признание на музичарите кои го одржаа својот континуитет низ годините и и имаа значаен придонес во разноликоста на сцената.

Единаесет сезони, единаесет артисти, единаесет плакети, без категории, но со впечатливо мото — ЗА ОНИЕ КОИ ПРАВАТ РАЗЛИКА.

Николче Мицевски, Љубојна, Фанк Шуи, Фолтин, Дина Јашари, Дупер, ДНК, Лазар Цветкоски, Антониа Гиговска, Роберт Билбилов и Лара Иванова годинава ја одржаа македонската музичка сцена раздвижена во време кога светот застана и секој од наведените артисти со својата автентичност направи вистинска разлика, а „Стисни Плеј“, како и секогаш, со радост ги проследи и ги награди музичките успеси на овие уметници.

Бидете на првиот канал на Националниот сервис вечерва, во 20:15 и следете го новогодишното издание на „Стисни Плеј“.