„Независен“ на борбената линија: Само седумсто метри ги делат Украина и Русија од војна  

Нашата уредничка Слободанка Јовановска беше во Золоте, село што умира на линијата на фронтот. Разурнати и напуштени домови и исчекување - дали ќе пролетаат куршуми


Напуштените згради во Золоте (Фото: С. Јовановска)

 

 ЗОЛОТЕ, Источна Украина – Колку сме поблиску до линијата на фронтот, толку е појасна цената на руската воена агресија што ја плаќа Украина, со најавата дека може да биде уште повисока и уште пострашна. Таа е економска, а пред сѐ човечка и еден само поглед на територијата што се граничи со окупираната територија ја апсорбира целата депресија на осумгодишната воена криза.

Разурнати и напуштени домови, празни дворови, застанат живот и само едно исчекување – дали ќе пролетаат куршуми од снајперите, дали ќе проработи артилеријата или некој проектил, како што се изрази еден од војниците, ќе долета од другата страна и ќе експлодира пред вас додека стоите незаштитени.

На 700 метри од воената линија, во селото Золоте 4 во Луганск (едно од петте што единствено остана под контрола на Украина) движењето без панцир од 16 килограми и шлем од два килограми не се препорачува ако не сте во ископаните ровови.

Сергиј, командантот на воената единица  стационирана на оваа критична точка на линијата на фронтот, кој не смееше да го каже вистинското име и презиме од безбедносни причини, сепак вели дека моралот меѓу војниците е на „највисоко ниво“. Запрашан кој тип на оружје на руските сили најмногу ги плаши, вели дека се добро обучени да се справат со сите нив. Единствено што нѐ плаши, вели Сергиј, е ако имаме неквалификувани војници, а најголем проблем ни создава сега големиот студ.

 

Командантот на украинските единици во Золоте, Сергиј

Според него, договореното примирје постојано се прекршува од руска страна, а тие возвраќаат само кога мораат, бидејќи не сакаат да им дадат изговор за поголеми напади. Пукаат, вели тој, секоја вечер до шест часот наутро, во интервал од еден до два часа.

„Сакаат да нѐ извлечат на отворено со таква провокација“, објаснува тој, додавајќи дека од септември минатата година имале тројца ранети војници, иако официјално нема војна туку примирје.

Негова проценка е дека на другата страна на овој дел од линијата на фронтот има околу 130, како што ги нарекуваат „proxy“ војници, со асоцијација дека не се армија туку главно платеници. За политичкиот аспект на кризата не сака да зборува, а на прашањето што очекува натаму не можеше ни да даде одговор. Како професионален војник со завршена воена академија, нема што друго и да каже, освен дека ќе биде тука додека трае ваквата ситуација.

А, Золоте веќе осум години умира и никој не смее да каже заради нивната безбедност колку од 100-те жители што биле тука пред кризата ја делат со нив истата неизвесност и закана. Освен три кучиња и војниците, во селото можеше да се види само еден цивил и една кукла Путин во седиштето на единицата за да им служи како борбена инспирација. Она што беше забележливо е дека не се плашеа, но и дека го билдаа верувањето во борбениот морал, бидејќи тоа очигледно е најпотребно во моментов, додека се чека дали политичарите ќе ја разрешат кризата или натаму ќе ескалира. И никако не си дозволуваа да излезат со информација која ќе ја открие нивната точна позиција или пак да го откријат бројот на војниците тука и на воената опрема, со порака – кажавме сѐ што можевме.

А, околу нив беа повеќе сведоштва на тоа што ѝ се случува на Украина, затоа што сака сама да си го избира патот и да влезе во НАТО место да остане во сферта на влијание на Русија. Искршени прозорци од бројните престрелки, руини од објекти, остатоци од мебел и од постелнина со која се затвораат дупките во просториите, огромни  вреќи со песок како заштини зидови пред скривалиштата, мрежи за камуфлажа и празнотија.

Золоте 4, сепак, не е најкритичната точка во Луганск, кој во 2014 година остана без контрола на една третина од својата територија, и тоа понаселената. Долж целата линија на поделба се распоредени 15.000 руски војници, доброволци и локални жители што ја поддржуваат руската агресија. Претставник на воената единица во Золоте објасни дека контролниот пункт пред селото е лоциран тука за да обезбеди помош  на локалните жители, бидејќи се во тешка ситуација. И тоа важи, според него, не само за тие од оваа страна на линијата на поделба, туку и од дугата.

„Ние не ги делиме жителите на добри и лоши, зошто наши се и тие од другата страна на линијата. Можат да дојдат тука и да побараат лекување, да земат пензија… Не ги оставаме без помош“, изјави тој за „Независен“.

На прашањето што ако меѓу нив има и такви што учествуваат во борбите против украинските сили и имаат други намери, тој одговори дека точно ги знаат сите лица што преминале на страната на руските сили.

„Имаме способно разузнување. Тие што сториле злосторства против Украина не добиваат ништо. Но тие што зеле оружје, се приклучиле  на агресорите, а не убиле никако, ако сфатат дека направиле грешка и се покајат, ги примаме назад и ги  вклучуваме во специјална програма. Украина не се бори против граѓани на Украина“, додаде тој.

 

Нашата новинарака Слободанка Јовановска под воена опрема на линијата на фронтот

Тој наратив се слуша насекаде, бидејќи сите напори се да не се дозволат линии на поделба, односно зла крв меѓу самото население, бидејќи во спротивно конфликтот ќе се прелее и внатре меѓу нив и нема да си ги вратат окупираните делови. Од истите причини, на официјални нивоа без задршка одговараат на руски јазик, праќајќи порака дека Украина е и на тие што имаат руски корени, иако се соочуваат со руска агресија.

Гувернерот на регионот Луганск и цивилен и воен управник, Сергиј Хајдај,покажа како бројката на луѓето, покрај оружјето, игра голема улога во кризата. Според него, пред 2014 година во регионот имало 2.258.000 жители, а сега тој број изнесува 650.000 на територијата што тој ја контролира. Дури 200.000, вели тој, дошле од окупираните територии, забележувајќи дека да не биле затворени пунктовите и оставен да функционира само еден од нив, по 40.000 дневно би избегале од руската окупација.  

 

Во украинските ровови близу Луганск

„Пропагандата таму не влијае на луѓето, бидејќи со свои очи гледаат што се прави од оваа страна на линијата на поделба. Минатата година реконструиравме стотици километри патишта, повеќе училишта и градинки, универзитети и болници…“, тврди тој, па забележа дека тоа што го кажуваат самопрогласените локални власти на териториите не се совпаѓа со реалноста и затоа не прават попис на населението, бидејќи ќе се покаже колку се намалува.

Додека светот будно ги следи воените вежби во Белорусија каде што се испратени околу 100.000 војници и силно вооружување, командантот на воената единица „Север“, Дмитро Красилников, ја оцени борбената  концентрација во Луганск. Окупираните територии, според него, ги контролираат две воени бригади кои располагаат со 160 тенкови, 350 други тешки борбени возила, над 80 ракетни системи , како што забележа – колку што имаат сега воена опрема некои европски земји. Според неговите сознанија, се зголемува и бројот на воени вежби на окупираните територии, но  сепак се надеваше дека во Москва ќе сфатат дека не можат да го добијат воено тоа што сакаат, бидејќи и тие имаат со што да одговорат и се мотивирани да се бранат.

„Имаме прецизни ракетни проектили кои можат да уништат цели од еден до пет километри, имаме силна воздушна одбрана што ќе нѐ заштити од напади од борбени авиони и од борбени хеликоптери, турски дронови ‘Бајрактар’ и, покрај останатата воена опрема,  имаме околу 400.000  млади цивили со воено искуство  кои можат доброволно да се приклучат при евентуална воена интервенција“, вели Красилников. На другата страна, пак, тврдеше тој, можат да се засилат со „луѓе на годишен одмор“, т.е. платеници, кои се прославија така откако рускиот лидер Владимир Путин ги опиша на тој начин кога учествуваа во воената агресија на Крим. Според него, можно е и сега да се испратат такви платеници на приватната армија „Вагнер“, главно поранешни затвореници осудени за тешки кривилни дела, бидејќи такви активности веќе потврдиле украинските безбедносни служби.

„Наши млади умираат, а осуденици заработуваат“, прокоментира тој, како ехо на морничавото добредојде на влезот на регионалната  самоуправа  – таблата со загинати војници и цивили од Луганск над која стоеше пораката  „Загинаа за родната земја“, а на самата зграда „Слава за украинските херои“.

„Знаеме со кого се бориме и колку им вреди зборот. Затоа, очекуваме сѐ. Но, жителите овде се навикнаа на војна и страшно е што е така“, заклучи Хајдај. Красилников, пак, порача дека немаат намера со воена сила да ги враќаат окупираните територии  бидејќи не сакаат да ѝ дадат изговор на Москва да возврати на ист начин како во Грозни (Чеченија) кој го уништија со бомбардирања  (до таа мерка што ОН го прогласија за најуништен град во светот).

Сеќавање на жртвите од војната (Фото: С. Јовановска)

„Ние сакаме на демократски начин да го решиме проблемот“, порача тој.

Но ќе опстојат ли тие двајца-тројца преостанати жители во Золоте, колку може да трае економското осиромашување на овој дел од Украина, колку жители ќе се иселат или преселат, колку пати ќе треба да се обновуваат домовите погодени од проектили, колку ќе трае моралот на војниците и што ако цела Украина стане Луганск и Донецк? По сѐ изгледа, кога Русија ти е од другата страна само трпеливоста е опција.