МВР: 17 возачи лишени од слобода поради безобѕирно управување со моторно возило
Во текот на изминатото деноноќие, на целата територија на државата, полициски службеници лишија од слобода 17 возачи поради безобѕирно управување. Од нив, шест возачи од Крива Паланка, Куманово, Делчево и Радовиш управувале возило под дејство на алкохол. Возачот од Радовиш предизвикал и сообраќајна незгода, по што го напуштил местото на настанот, соопшти МВР.
Осум возачи од Скопје, Делчево, Гевгелија, Богданци, Прилеп и Македонски Брод управувале возило без да поседуваат возачка дозвола, додека еден возач од Кочани управувал возило и покрај изречена активна забрана за управување.
Во Кавадарци бил лишен од слобода возач кој управувал мотоцикл што не бил регистриран и без да поседува возачка дозвола, додека во Демир Хисар бил затекнат возач кој управувал патничко возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол.
Министерството за внатрешни работи потсетува дека непочитувањето на сообраќајните правила и прописи директно ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Управувањето возило под дејство на алкохол, без возачка дозвола или спротивно на изречена забрана претставува сериозен ризик по животот и здравјето на граѓаните. Апелира до сите возачи на совесно и одговорно учество во сообраќајот, со цел, како што велат, заеднички да придонесеме за поголема безбедност на патиштата.