Арамиите кои украдоа велосипед во Аеродром се фатени во Сарај


Во Сарај вчера се фатени двајцата млади крадци кои претходниот ден украдоа велосипед пред теретаната „Атлета“ во Општина Аеродром, објави порталот „24 часа“. Од кражбата беше објавена снимка од безбедносна камера.

Според информациите, крадци биле лоцирани набргу откако го украдоа велосипедот. Неофицијално, едниот од нив имал богато искуство со кражби на точаци, а со овој „занает“ се занимавал и во Швајцарија. Украдениот велосипед исто така е пронајден, а полицијата му го вратила на сопственикот.

МВР потврди дека крадците, кои се од селото Сарај се уапсени.

„На 13.05.2026 полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Е.Х. (22) и М.И. (22) од с.Сарај, скопско, постапувајќи по пријава од А.С. на 12.05.2026 дека пред теретана во Скопје му бил одземен велосипед. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициските службеници, сторителите се идентификувани и приведени во полициска станица, а велосипедот е вратен на сопственикот. По документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, пишува во полициското соопштение.