Серискиот убиец од Старо Нагоричане убил четири жени – а се обидел да убие уште две

Сторителот оперирал на подрачјето на Старо Нагоричане - слабо населен регион, со куќи од разбиен тип. До сега нема индиции дека делувал на друго место


Истрагата за убиецот од Старо Нагоричане, кој се води како прв сериски убиец на жени во Македонија, открила уште четири нови кривични дела – две убиства и два обиди за убиство.  

Како што соопшти денеска на брифинг обвинителот Љубомир Лапе, се работи за прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид бидејќи сите жртви биле жени и биле нападнати токму поради нивниот пол.

Според досега објавените информации од Обвинителството и полицијата, осомничениот се идентификува со иницијали Т. Б., 25-годишен жител на село Малотино (општина Старо Нагоричане). 

Обвинителството и полицијата веќе водат постапка за повеќе убиства врз жени во кумановскиот регион, а со новите откритија истрагата дополнително се проширува

Обвинителот ја објасни хронологијата на истрагите.

– На почетокот истрагата се однесуваше на убиство на едно женско лице, потоа се појави второ женско лице, тогаш прострујуваше во јавноста дека се истражуваат и други случаи и точно, се истражуваше, вкупно се 6 кривични дела каде жртвите се жени, од кои 4 се убиства, а две се во обид. Самата бројка според мене е доволна да се работи за фемицид, тој не напаѓа во круг на семејство, или дека имал некакви врски со нив, жртвите ги бира затоа што се жени.

Извршени се три ексхумации, само во еден случај не се потврди дека се работи за кривично дело убиство. Сите жртви се од истото подрачје, Старо Нагоричане. Сторителот оперира на тоа подрачје. Тоа е слабо населен регион, куќите се од разбиен тип, до сега нема никакви индиции дека делувал надвор од овој регион, објасни обвинителот.

Жртвите на обидот за убиство се сослушани од страна на обвинител.

Обвинителот додаде дека до него пристигнала информација дека СВР Куманово има поднесено кривична пријава за лекарите, кои констатирале смрт без траги на насилство кај жртвите.

– За лекарите што констатирале природна смрт, СВР Куманово достави кривична пријава против две лица за констатациите на смрт. Од сите проверки не се утврдени пропусти од кривично-правен карактер кај полициските службеници, наведе обвинителот.

Хронологија на истрагите

– За првите две убиства, првата наредба за истрага е за настан во период од 27.01.2026 до 12.02.2026. Втората истрага за кривично дело убиство сторено во точен и утврден временски период од 17.01 до 18.01.2026. Новиве две убиства, едното е убиство помеѓу 05.01 и 06.01.2025, второто е во временски период меѓу 05.06 и 07.06.2025 година, наведе обвинителот.

Обидите се на ден 22 јули 2025 година, вториот обид за убиство е на 9 февруари 2026 година.

До овој момент не е утврдено постоење на сомневање дека некој од неговите блиски, семејство итн, учествувал во било која форма во кривично дело убиство.

Осомничениот е неженет, нема деца, на возраст од 25 години.

Обвинителот наведе дека притворот за овој тип на кривично дело може да трае од три до шест месеци, во тој период мора да се поднесе обвинение, а сите рокови ќе бидат испочитувани.

Случајот стана пошироко познат откако осомничениот беше приведен за убиството на последната жртва, за која обвинителството утврди дека не починала од природна, туку од насилна смрт, односно била задушена. Мештаните имале сомнежи за осомничениот и претходно, но тврдат дека полицијата не ги земала предвид нивните пријави, наведувајќи дека приватните видео снимки не можеле да бидат користени како доказ.

Кривична за серискиот убиец од Драгоманце и за двајца мртвопроверители од болницата во Куманово

СВР Куманово поднесе кривични пријави против убиецот од Драгоманце за убиство на уште две жени и обид за убиство на две жени, како и против двајца мртвопроверители од болницата во Куманово.

-СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе кривични пријави против Т.Б. (26) од село Драгоманце, Општина Старо Нагоричане, за сторено кривично дело „убиство” поради основи на сомневање дека ги убил Ј.А. од село Драгоманце и С.К. од село Клечовце, како и поради сомневање за сторено кривично дело „обид за убиство“ врз С.А. и Р.Т.. По извршени проверки и ексхумација на телата на Ј.А. и С.К., утврдено е дека лицата починале од насилна смрт. Врз основа и на други сознанија и докази, било утврдено дека тој ги убил двете жени и во координација со ОЈО, против него е поднесена кривична пријава. Претходно, СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе кривични пријави против Т.Б. за убиство и на М.С. и М.М., а по предлог на јавниот обвинител, од страна на надлежен судија му е одредена мерка притвор, информираат од МВР и додаваат:

-СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе и кривична пријава за сторено кривично дело „несовесно вршење на службата“ против мртвопроверителите М.С. и Д.Д. од Општа болница – Куманово, се вели во информацијата.