По 10.000 евра МОН дава за 14 заеднички научно-истражувачки проекти на Македонија и Австрија
МОН ќе го финансира спроведувањето на 14 заеднички научно-истражувачки проекти на Македонија и Австрија во областа со голем развоен потенцијал, паметно земјоделство и храна, информациски и комуникациски технологии, електро и машинска индустрија, одржливи материјали и паметни згради, енергија на иднината и туризам.
Денеска беа потпишани договорите со добитниците, а финансиската поддржка изнесува 10.000 евра или по 600.000 денари за проект. Добитниците се Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, за девет проекти, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип со три проекти, и по еден Меѓународниот Балкански универзитет од Скопје и Приватниот институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени од Скопје.
Шест избани проекти се од инжинерство и технологија, пет од природно-математичките науки, два од земјоделски и ветеринарни науки и еден од општествени науки.
„Проектите се во областите кои Стратегијата за паметна специјализација ги дефинира како приоритетни за вложување, такашто македонските и австриските научници ќе делуваат токму во насока на равој на овие области“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска по денешното потпишување на договорите.
Проектите се одбрани на јавен конкурс објавен во септември лани, кога пристигнале 18 проекти, но со рецензија за исполнување на условите од македонска и автриска страна, биле одбрани овие 14 за поддршка.
Рокот за реализација е две години.
Според деканите на факултетите, ова е значајна подрршка, особено заради вмрежувањето на македонските со австриските универзитети, кои се докажани по својот квалитет и значење во научниот свет.
Оваа поддршка велат дека нема да ја искористат за вложување во скапа опрема, туку работата на вакви проекти ги отвора вратите за заедничко аплицирање во побогати програми и фондови како на пример Хорајзон.
– Се вмрежуваме со држава што предничи во образовните и техничките области. Ова е начинот преку кој сметаме дека ќе се подигне квалитетот на високото образование и се надеваме дека во иднина ќе има уште многу вакви билатерални договори со други европски држави – рече Јосиф Јосифовски, декан на Градежниот факултет од Скопје.
Во конкретниот случај, вели, се воспоставува соработка со технички факултет во Виена, кој е меѓу најпрестижните европски високообразовни институции, а проектните активности ќе бидат насочени кон енергетската ефикасност на објектите и прашањата поврзани со климатските промени./Б.Б.