МКЦ стана дел од реномираната платформа Liveurope


Младинскиот културен центар официјално стана членка на најреномираната мрежа на концертни сали во Европа – Liveurope.

Главната цел на Liveurope е да ја засили програмската понуда на млади европски артисти низ континентот, а истовремено да им помогне да стигнат до што поширока публика. Воспоставена во 2014, платформата Livеurope e прва иницијатива од ваков вид во Европа, мрежа на легендарни концертни сали, кои се од огромна важност за функционирањето на европската музичка индустрија и во нивните напори за промоција на надоаѓачките европски артисти.

„Ова е награда за сè она што го работевме изминатите години, а посебно последната година во време на пандемија кога успеавме да сработиме околу 130 концерти. Мрежата е првенствено насочена спрема младите бендови и нивната европска промоција, како и кон промоција на европските бендови на нашата сцена“, објасни директорот на МКЦ Русе Арсов.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов пак, посочи дека до минатата година имаше 16 вакви концертни локации од 16 држави во Европа, меѓу кои се Melkweg (Амстердам), Vega (Копенхаген), Ancienne Belgique (Брисел), а единствен од регионот беше културниот центар Kino Šiška од Љубљана.

„Од годинава, МКЦ заедно со уште 4 концертни сали од Линц, Братислава, Загреб и Солун стануваат дел од оваа платформа, со што и официјално се потврдува вредноста која што МКЦ ја има во културниот живот на државата и во културниот живот на градот, но и во посветеноста на промоцијата на европските вредности и на европската култура на младите автори во Македонија кои се дел од оваа сцена“, истакна Шилегов.

Инаку, во однос на функционирањето, Liveurope нуди поддршка во форма на финансиски бонус на концертните сали што се дел од платформата, а идејата е да им овозможи да работат во постојан континуитет, т.е. да промовираат европски артисти секоја година. Концертните сали притоа имаат целосна автономија во нивното програмско одлучување, сѐ додека музичките артисти што ги букираат се надоаѓачки млади европски таленти.

„Самиот факт што Младинскиот културен центар, со својата посветена работа, ентузијазам, напредно програмско делување и неуморност, успеа да биде препознаена како клучна институција, силно ја валидира нашата работа и секако нашата меѓународна позиција како важен играч во европската, па и светската музичка индустрија“, посочија од оваа институција.

Во МКЦ веќе се во план неколку настани во текот на летниот период, кои ќе бидат дел од оваа иницијатива.