Македонија го гори отпадот во ќумбе, Јапонија со компјутер

Токио – Нека не ве збуни тоа што Јапонците масовно се движат по улиците со маски на лице. Јапонија е една од најчистите земји во светот, а маските се повеќе демонстрација на висока свест отколку на загаден воздух. Секој Јапонец ќе ви каже дека маски носат  главно за да се заштитат од полен, ако се болни да не го пренесат тоа на другите, а ако не се, да не дојдат во допир со вирусите. Јапонците функционираат со одговорност и со самодисциплина, се грижат за природата но и за себе, а преведено во обичниот секојдневен живот тоа значи многу труд и посветеност. Начинот на кој  ја негуваат природата и на кој се справуваат со отпадот  е најдобар пример за тоа.

Па така, додека во Македонија отпадот се гори со ќумбе добиено на подарок пред речиси половина век, тука тој се селектира, рециклира и депонира  компјутеризирано. Од 23 града кои спаѓаат во поширокиот регион на Токио, дури 21 имаат високотехнолошки печки за уништување на отпадот, инсталирани пред 20 години, со план во наредните седум години да се заменат сите – со уште посовремена технологија од домашно производство. Само една ќе чини 50 милијарди јени, но освен чистата околина ќе донесе и други бенефити за населението – струја за домовите,затоплување на базените и ботаничките градини  и  топла вода.

Процесот на селектирање на отпадот во Јапонија е воспоставен пред две децении и е доведен до совршенство, а Јапонците со гордост нагласуваат дека од 1989 година досега тој е намален за 86 отсто на годишно ниво. Тоа значи дека Јапонците не само што рециклираат туку и се помалку „произведуваат„ ѓубре, и според пресметките годинава количеството изнесува 800 грама по лице дневно. И тоа не е се. Локалните власти, училиштата, компаниите, невладините организации, волонтерите, фармерите, продавниците – сите се здружени во напорите градот да остане чист. Се држат еко часови и семинари, се организираат еко акции, се врши обука за еко готвење (како да се намали отпадот на храна), се организираат кампањи за рециклирање на веќе употребени предмети, се поттикнува умното купување (само тоа што се рециклира и во неопходни количества), а место пластични кеси се употребуваат платнени од дома, па нив ги користат и децата во училиште наспроти скапите пластицифирани ранци што се тренд во Македонија.

Справувањето со отпадот е цел систем што се спроведува и усовршува со години, а почнува од основното училиште – каде што дури и првооделенците добиваат метла и лопата да си ја исчистат училницата каде што престојувале во текот на денот. Чистењето на училиштата речиси целосно е оставено на  учениците и е дел од редовните активности во текот на наставата. Во Јапонија многумина ќе ви ја откријат локалната логика зад тоа – дека ѓубрето си е ваше, вие сте го произвеле и вие треба да се справите со него. Тоа значи дека на улиците од градот едвај има канти за ѓубре, и ако купите пијалок, шишето ќе си го однесете дома, за да потоа го отстраните според прецизните правила на градот. Нема да ви биде виновен за нечистотијата Петре Шилегов…

А, тоа значи дека два до три  дена во неделата во 8 часот, со етикета чие е, го ставате убаво спакувано и цврсто врзано ѓубрето што е за рециклирање или за горење. Три до четири пати месечно во одреден термин и место го изнесувате големиот отпад и тој што не е за горење, според долгиот список на упатства со слики какви отпадоци каде одат и како да се подготват за селекција. На пример шишињата од пијалоци да се испразнат целосно и да се отстрани затворачот, да се тргнат отпадоците со алуминиум, да не се ставаат водени, да се тргнат масните наслаги со хартија, да се означат тие со опасни и запалливи материи, а пред сето тоа да се размисли – дали можеби се употребливи за некоја друга намена.Притоа, собирањето на отпадот од домаќинствата е бесплатно ако не надминува 10 килограми, за големиот отпад се купуваат специјални лепенки во самопослугите со кои се плаќа собирањето, за компаниите нема бесплатно отстранување, додека за електронските направи треба сами да ги однесете во центарот за собирање или да се јавите на контакт телефон . За нашите граѓани на кои  и фрлањето на отпадот во контејнер им е тешкотија, а се жалат колку е загадена околината, ова им е најдобр пример дека ѓубрето не паѓа од небо и дека толку колку што се трудат, толку ќе им биде чисто живеењето, а Јапонија е чиста  затоа што за тоа се грижат Јапонците.

Споредено пак со нашето искуство од Дрисла, уништувањето на отпадот во Токио звучи како бајка. Во центарот во кој целиот процес се контролира со компјутер , уништувањето се одвива во неколку фази, а резултатот по горењето е што количеството е намалено на една дваесетина од оригиналниот обем, што топлината се усмерува кон генератор за струја и систем за затоплување на вода, што гасот што се испушта во процесот се филтрира и во специјален оџак се претвора во неопасен, а правта што се создава се прочистува со вода, така што низ оџакот излегува чист воздух. И тоа не е се. Од остатокот на отпадот што согорува се прави цемент за градежната индустрија и песок, а во Токио може да се слушне дека дел од територијата во Одаиба, најспектакуларниот нов дел на градот, е всушност направен од човечка рака – од отпадот што се прочистува во 20-те високотешнолошки печки. Сето ова добива на тежина кога се знае дека индустријата масовно е фокусирана во Токио, како и многуте меѓународни компании, администрацијата и слично.

Во Едогава еко центарот , формиран во 2004 година за јакнење на еко свеста и справување со глобалното затоплување, нагласуваат дека нивата цел е да создадат општество со нула отпад! Наедно, да се штеди енергијата и  да се обновуваат ресурсите исто така. Спроведуваат околу 250 проекти годишно и на некаков начин во нив учествуваат 50.000 луѓе. Приоритет им е да се спречи, како што велат, пластичната контаминација на океанот. Според нив, со сегашниот начин на уништување, отпадот го редуцираат до една четириесетина од оргиналното количество. Табелата по години покажува дека значајно се намалува количеството на создаден отпад, но и количеството на депониран отпад, како остаток од неговото уништување.

За почиста околина се самоорганизираат и граѓаните. Волонтерите од невладината Грин Бирд  веќе 16 години самоиницијативно ја билдаат свеста за почиста околина собирајќи ги отпадоците на главните улици во Токио, иако споредено со Скопје градот свети од чистота. Се собираат на 90 точки во градот и чистат, во што поддршка им даваат две големи компании. Среќни се ако најдат шише од пијалок или конзерва, бидејќи вообичаено има само пикавци од цигари или некоја сметка од шопинг.

Тука спаѓа и големата љубов на Јапонците кон парковите, кои се толку оплеменети со специјални насади, езера и мостчиња, што стануваат најсилниот туристички адут на земјата. Дрвјата во Јапонија не се сечат туку се слават, тие се празник за очите, лек за здравјето, убавина за душата. Тие се храмови на екологијата, како што е Кјото за религијата. Тие се дел од генот на Јапонците денес и односот кон нив е однос кон општеството.

Тоа најдобро го опиша Кеиго Тамура, културниот амбасадор на Јапонија од Кјото и сопственик на најпознатиот ресторан во градот, преку приказната за исушеното дрво во својот двор.

„Ме прашуваат зошто не го сечам, кога има само неколку лисја на врвот и е многу старо. Но, неговиот живот е како на човек, како на мојот остарен татко, расте па старее. Неговото стебло ја одразува целата историја на ова место. Зошто би го тргнал?“

Слободанка Јовановска