Македонија без Љафтов во Европската лига


Искусниот репрезентативец и интернационалец Александар Љафтов ќе го пропушти комплетниот настап на машкиот национален тим во Европската лига 2026, откако заработи сериозна повреда на скочниот зглоб на пријателскиот натпревар со Црна Гора.

Деталните лекарски прегледи покажаа дека Љафтов има скинати лигаменти на скочниот зглоб и дека најмалку месец дена ќе мора да паузира.

– Голем хендикеп за нас, Љафтов со своето искуство, квалитет и формата во која ја одигра оваа сезона комплетно подготвен се стави на располагање на репрезентацијата и реално ова е голем удар за нас. Изгледавме многу убаво на теренот на првиот натпревар, споредено со лани овој период, се функционираше одлично. И се случи повредата, откако противнички играч влезе во нашето поле и Љафтов на доскок згази на него, објаснува селекторот Јошко Миленковски.

Репрезентацијата од денеска е во Струмица каде ќе ја одработи завршната фаза од подготовките, а стручниот штаб е со дополнителни главоболки во дефинирањето на списокот. Стручниот штаб и играчите во текот на овие денови ќе прават анализи на првите ривали Холандија и Луксембург.

Македонија в петок од 19 часот во салата „Парк“ во Струмица ќе ја пречека Холандија во првиот натпревар од Европската лига 2026, додека на 7 јуни (недела) исто така од 19 часот се соочува со Луксембург.