Лила Филиповска: Ја испратив 2021 во пижами, доста ѝ беше, нека си оди!
Водителката Лила Филиповска која ја нарекуваат кралица на квизовите и препознатлива по гламурозниот изглед- ја испрати старата 2021 и ја дочека новата година во домашна атмосфера, во пижами и со својот мачор Рагнар.
„Доволно беше турбулентна оваа година на секое поле, па затоа вака ќе ја испратам, без помпа и фанфари… доста ѝ беше, нека си оди !!! Не дека немало и убави моменти и мигови за памтење ама сепак , сепак доста и беше !!!! Посакувам Новава да биде сѐ што не беше оваа…! А на вас другари јас и Рагнар ( кој што изгледа многу среќно дека го сликам 😂) Ви посакуваме само здравје и маааалку повеќе љубов …Среќна и успешна година“, напиша Лила на својот инстаграм-профил.
Над 20 години е убавото ТВ-лице кое го гледаме на екраните. Лила Филиповска, со својата сериозност и професионалност е институција во водителската професија. Со својот стил, изглед и приватен живот е во фокусот на вниманието на социјалните мрежи. Веќе 11 сезона во македонските домови со квизот „Сѐ или нешто“ носи среќа, забава и пари.
Во претходно интервју за Независен Лила, чија популарност ескалираше токму со квиз-квизот „Енигма“, откри зошто е толку популарен актуелниот квиз на ТВ Сител „Сѐ или нешто“ и дали среќата е навистина во милионот.
Што е толку привлечно во шоу-квизовите?
– На луѓето отсекогаш им било интересно да се натпреваруваат. Неизвесноста е таа што ја држи публиката прикована за малите екрани. Без разлика дали се натпреваруваат за знаење, пари или нешто трето, квизовите имаат една посебна магија која ги интригира гледачите години наназад. Во нашиот квиз учествуваат луѓе од секојдневието, реални ликови, нема глума, има многу забава, а плус и пари, па очигледно сме го погодиле вистинскиот рецепт.
Се подготвуваш ли однапред? Водиш квиз со гости, претпоставувам има непланирани ситуации?
– Можеби гледачите имаат чувство дека е толку едноставно што само влегувам во студио и си правам муабет. Со оглед дека снимам по неколку емисии дневно, тоа пред сѐ подразбира моја максимална психичка подготвеност. Повеќето од нив првпат се пред камери, некои се возбудени, некои имаат трема, некои се збунети, изгубени, што значи дека од сите нив треба да успеам да го извлечам најдоброто, во спротивно ќе немаме емисија. Сите тие имаат напишанa биографија која ми дава информации за нив, а јас го вадам најинтересното!
Дали натпреварувачите навистина веруваат во среќата и дали веруваат дека ти им ја носиш?
– Луѓето се многу интересни, ги има различни. Некои доаѓаат со амајлии, икони, среќни предмети, некои веруваат во својата интуиција, некои во среќни броеви. Во овие 7 сезони имавме многу интересни луѓе и приказни, и да… некои веруваат дека јас сум им среќата. За некои сум среќна, за некои не…
Дали среќата е во милионот?
– Па, очигледно дека не е. Многу често мали нешта ќе ви го исполнат животот, но сепак слатко е кога му го празниме сефот на банкарот, особено ако успееме целосно да го испразниме. Не доаѓаат сите поради милионот. Некои сакаат да бидат на ТВ, други да си ја пробаат среќата, трети да ме запознаат мене итн.
Дали се раѓаат пријателства со кандидатите?
– Ние во студиото сме како едно големо семејство. Снимањата траат долго, па неизбежно е да се зближиш со некои од нив. Особено натпреварувачите меѓу себе. Се раѓаат и траат пријателства, по некоја љубовна врска, кумство, и сѐ што носи едно пријателство. Во секој случај имаме многу позитивна енергија и убаво дружење
Кријат ли емисиите по некоја анегдота?
– Речиси во секоја емисија има по некоја анегдота. Некои се поврзани со мене, некои со публиката, а некои со натпреварувачите. Преживеавме заедно силен земјотрес, неколку натпреварувачки изгубија свест од трема, при едно силно невреме ни снема струја… едноставно никогаш не ни е здодевно, а дел од тие анегдоти ги пуштаме и во емисија. (Л.С.)