Кога криминалците маршираат


ЕРОЛ РИЗАОВ

Монт Еверест на лицемерието  е кога најголемите  криминалци од врвот на политиката протестираат за правда. Ги повикуваат чесните граѓани на срамен  марш по скопските улици за да ја освојат власта, единствен начин да се спасат од казната и да продолжат да крадат непречено. Откако во изминатите три години се урнаа сите  барикади за соочување со правдата политичарите  ги мобилизираат граѓаните на митинзи да го озаконат арамилакот како владеење на правото. Тоа деновиве, на ужас на здравиот разум, ни се случува како нова  македонска доктрина, невидена и нечуена во светот, кога  корумпирани  политичари, носители на организиран  криминал организираат предизборни протести во борба против криминалот.

Над ова лицемерите може да биде само еден протест и марш  на обвинители, судии, полицајци, адвокати…  ако сите тие и официјално пред партиските седишта ги предадат своите судски тоги, полициски униформи на партиските лидери тие да судат и да ги бранат криминалците, бидејќи и така тоа го прават во нивно име. Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на предизборниот митинг за спас на криминалците тоа многу искрено и јавно го соопшти со веќе искажаната пресуда кој е виновен и кој треба да лежи во затвор.

Рече: Зоран Заев е виновен што им се суди на невини патриоти и македонски дејци. Кога тој ќе дојде на власт за ова злодело против правдата ќе одговараат пред народниот суд денешните носители на власта на чело со  Зоран Заев. Друг суд, освен нивниот, ВМРО-ДПМНЕ не признава. Тоа е таа правда која функционираше непречено 11 години чии стравотии ги видовме и слушнавме во ерата на груевизмот и ги слушаме сега во постгруевизмот. Ако тоа владеење на правото ни се врати повторно ќе се забрзаат сите процеси за исчезнување на Македонија, сакате Северна, или никогаш Северна, само Македонија, тоа нема да биде ни малку важно кога државата ќе се распадне. Македонија под управа на криминалците ќе биде во претсмртен карантин за да не се шири вирусот, многу поопасен од овој сега од кој стравува светот.