Дали популистите велат „жалам“?

Популистите решиси никогаш не изразуваат жалење или признаваат дека во нешто погрешиле. Нивната „непогрешивост“ е, всушност, исклесана во камен и народот, а не судот, одредува дали направиле некаков криминал


Најмалку една година пред изборите во 2024 тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ водеше кампања дека преговарачката рамка со ЕУ може да се промени. Нејзините претставници и некои аналитичари тврдеа дека преговарачката рамка не е исклесана во камен и реално во неа може да има промени.

Тој наратив дека е можна промена на преговарачката рамка траеше уште најмалку една година по победата на изборите, а потоа полека да исчезнува од дискурсот на владејачките претставници откако таквата можност беше отфрлена од сите главни претставници на Европската унија.

Премиерот Христијан Мицкоски пред две недели конечно призна – преговарачката рамка не може да се промени. Во интервју за МТВ за двете години на владата, премиерот рече:

„Не очекувам дека во евроинтегративниот процес ќе има какви било промени, бидејќи тоа е договор којшто може да се промени само со консензус. Не очекувам дека некои од земјите членки ќе сакаат да се промени тој договор во којшто би изгубиле делумно од своите позиции…“

Дали кажа „жалам“ кон гласачите, поддржувачите или генерално кон граѓаните дека тој наратив, дека таа пропагандна приказна во кампањата била измислена. Или дека погрешно верувал, бил погрешно советуван или не знаел доволно како функционира Европската унија. Што и да е причината, тој наратив во голема мерка придонесе за големата изборна победа. Сега излегува дека тој наратив бил празен. Како што уште еднаш го потстети комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, на прес-конеренцијата во средата во владата: „Усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување на пристапниот процес“.

Популистите решиси никогаш не изразуваат жалење или признаваат дека во нешто погрешиле. Нивната „непогрешивост“ е, всушност, исклесана во камен и тие и за нивната грешка велат дека ќе го прашаат народот што мисли. А тој најдобро може да просуди, па дури и да биде еден вид варикина за моралното белење на сопствените ставови кои донеле стотици илјади до заблуда. И, се разбира, вината е секогаш кај некој друг – кај отуѓените елити, кај корумпираното судство, кај ненародните политичари.

„Судска тиранија“

Кога Марин Ле Пен, лидерката на француската крајна десница, минатата година беше осудена за проневера и ѝ беше забрането да се кандидира за функција во наредните пет години, таа ги нападна судовите како непријател на демократијата. Ле Пен е сериозен фаворит за претседателската функција на изборите во мај 2027 и лани рече дека таа ѝ е одземена со судски налог, а не по избор на гласачот.

Во деновите по нејзината пресуда во март 2025 година, таа не престануваше со навреди кон судот, обвинувајќи за „судска тиранија“ и „лов на вештерки“. Ле Пен малку зборуваше за самите обвинувања, прикажувајќи ја одлуката да ѝ се забрани вршење јавна функција како напад врз правата на гласачите.

„Да бидеме јасни“, рече таа. „Јас сум елиминирана, но всушност, и милиони Французи чии гласови се елиминирани“. Судиите, рече таа, „спроведоа практики за кои се сметаше дека се резервирани за авторитарни режими“.

Во вторникот, судиите ја вратија топката во нејзиниот двор. Апелацискиот суд ја потврди нејзината пресуда, ја намали казната, но ѝ дозволи да се кандидира, а главниот судија рече дека не сака да „го прекрши принципот на слобода на кандидирање за избори“.

Судот ја потврди пресудата на Ле Пен дека играла централна улога во оркестрирањето измама со лажни вработувања од невидени размери и времетраење. Таа беше прогласена за виновна дека имала клучна улога во проневера на повеќе од 2,8 милиони евра од средствата на Европскиот парламент помеѓу 2004 и 2016 година и насочување на парите кон нејзината партија во Париз. Судот ја скрати забраната за Ле Пен да се кандидира за јавна функција од пет години на 45 месеци, од кои 30 месеци се суспендирани. Со тоа ѝ беше забрането да се кандидира 15 месеци по нејзината пресуда во март 2025 година – рок, кој како што забележа судијата, е веќе истечен. Но треба да носи алка околу глуждот за домашен притвор.

Според францускиот систем за домашен притвор, судијата може да одобри време во кое некој со алка на глуждот може да го напушти својот дом и мора однапред да одобри излегувања низ целата земја. Ле Пен изјави дека носењето алка ќе ѝ го оневозможи излегувањето навечер и присуството на митинзи. Месеци наназад Ле Пен зборуваше дека таква алка ќе ја направи нејзината кандидатура неодржлива. Што значи дека не ќе може да се кандидира. Но, со менување на забраната за избори, ѝ беше дозволено да одлучи за својата политичка судбина, поткопувајќи го нејзиниот аргумент дека судството ја попречило волјата на народот.

Таа се одлучи многу брзо. Уште вечерта во гостувањето на телезизијата ТФ1. „Вечерва, јас сум кандидат на претседателските избори“, рече Ле Пен во интервјуто. Бидејќи пресудата беше поволна за неа немаше изјави за „судска тиранија“. Ле Пен најави жалба до највисокиот, касацискиот суд. „Жалбата до касацискиот суд ги суспендира ефектите од пресудата, па затоа ќе водам кампања без електронска алка за глужд“, изјави таа за ТФ1. Овој потег, додаде таа, ќе им овозможи на гласачите „последен збор“.

„Сега навистина сѐ е на нејзини рамења“, рече Бенџамин Морел, предавач по јавно право на Универзитетот Пантеон-Асас во Париз во изјава за „Њујорк тајмс“. „Таа ја носи дамката на овој случај и пресуда, но правдата не е она што ѝ забранува да се  кандидира“. Професорот Морел ја опиша одлуката на судот како „паметна“ и „фино калибрирана“, покажувајќи ја сериозноста на нејзиниот криминал, но исто така и дека судиите „не ја преземаат одговорноста за попречување на демократскиот процес“.

Во 2025  американскиот претседател Доналд Трамп ја осуди казната за Марин Ле Пен како „незаконита“ против политички противник, објавувајќи на Truth Social „СЛОБОДА ЗА МАРИН ЛЕ ПЕН“. Кремљ, Елон Маск и тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан, исто така, се вклучија со истата порака: дека народот, а не судовите, треба да избере.

Реакциите на политичката сцена во Франција можат да се сведат во една реченица: „Ле Пен сега е сама со својата совест“. Но популистите ретко се занимаваат со својата совест.

Популистичките лидери и институциите

И овој случај ги одразува пошироките глобални тензии меѓу популистичките лидери и институциите за надзор и правда. Друг еден популист преку Ламанш, Најџел Фараж, беше навреден поради истрагата на медиумите за неговите финансии. Фараж, кој беше мотор за „Брегзит“, а сега е лидер на екстремно десничарската партија Реформа на Велика Британија, изјави дека ќе поднесе оставка од парламентот во вторник, но велејќи дека пак ќе се кандидира на дополнителните избори и ќе добие нов мандат од гласачите затоа што тие се оние што одлучуваат за неговата вина.

Најџел Фараж уживаше во годинава што тече. Неговата партија води во анкетите, постигна спектакуларен успех на локалните избори во мај, изгледаше дека ништо не може да го спречи неговиот подем и за две или три години да стане британски премиер. Но сѐ тргна наопаку за него кога „Гардијан“ откри дека добил непријавен подарок од 5 милиони фунти од крипто милијардер. Десет недели подоцна тој беше урнат во најмрачните коридори на својата политичка кариера.

Откако се појавија вестите, како што пишува „Гардијан“, се случија три работи, сите длабоко непријатни за Фараж. Прво, упорноста во прашувањето за тоа кој го финансира неговиот животен стил и тешкотијата што ја најде во одговорот на ова, го направија Фараж – според неговите услови – нешто како пустиник. Неделните лабави прес-конференции беа заменети со кореографирани видео изјави и повремени телевизиски интервјуа. Потоа, медиумите уште подетално ги истражуваа сложените финансии на Фараж, вклучувајќи го точниот број на куќи и станови што ги поседува, а и паричната соработка со еден осуден криминалец. Комесарот за стандарди на парламентот испитува дали Фараж требало да ги пријави парите од криптомилијардерот и помошта од осудениот криминалец. За да ја спречи таа парламентарна истрага Фараж поднесе оставка и ако не си пратеник нема таква постапка. Но ако биде избран истрагата ќе продолжи. Но Фараж сака „народот“ да му даде мандат кој е посилен од надзорните тела.

Изборната единица во Клактон е длабоко наклонета на неговата партија и тој верува дека сигурно ќе победи да му даде нова енергија на неговиот популизам. И да не одговара на прашањата како еден самопрогласен човек од народот може да живее од дарежливоста на богатите, а понекогаш и од сомнителни пријатели?

И неочекувано за него изгледа дека на дополнителните избори ќе се соочи сам со себе или со некои непознати аутсајдери. Лабуристите, конзервативците, либералните демократи, Зелените веднаш изјавија дека немаат никаква намера да бидат дел од оваа наместена драма и нема да истакнат свои кандидати на дополнителни избори.

Премиерот Кир Стармер, кој поднесе оставка од функцијата лидер на Лабуристичката партија минатиот месец, рече дека потегот е „очаен трик“, додека портпаролот на Енди Бернам, кој веројатно ќе биде иден премиер на земјата, рече дека станува збор за „трик дизајниран да го одвлече вниманието од сериозните обвинувања за финансиерите на Фараж“.

Така, човекот од народот кој изгледа самобендисан и раздразлив во кампањата со маргинални кандидати може да изгледа главно глупав. И тој, како и Ле Пен, се повика на народот барајќи реизбор. „Одлучив дека луѓето од Клактон ќе бидат судии за моите постапки“, рече тој. „Ова ќе бидат избори меѓу народот и естаблишментот“, рече Фараж објавувајќи ја оставката. Тој велеше дека е совеста на работниот човек. Сега треба да разговара со својата совест и да се запраша ако има храброст за тоа, како енормно се збогатил со контроверзни милионски подароци.

Со оглед на тоа што вообичаените политички противници се исклучени, единствените личности што досега се појавија за да го предизвикаат Фараж се маргинални – најпознат од нив е човекот познат во Велика Британија како „Грофот Бинфејс“, сатиричен комичар кој себеси се опишува преку интернет како „вселенски политичар“.

Што да се прави со кариерата?

Еден друг популист, на 800 километри на север, се прашува што да прави со својата кариера и како да се извлече од амбисот во кој пропадна по 16 години непрекината власт. Виктор Орбан го обвини новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, дека воведува автократија во Унгарија. Орбан по час-два го призна поразот на изборите во април, но никогаш не кажа „жалам“ за нелибералниот систем што го воспостави во Унгарија, што го потчини владеењето на правото на партиските и олигархиските интереси, што ги претвори јавните медиуми во жестоки пропагандни инструменти на власта, што воведе режим на екстремна корупција.

Не, нема да чуете „жалам“ од патријархот на популистите. Орбан и неговата партија Фидес се гневни што со уставните амандмани поднесени во парламентот ќе се ограничи времето на пратениците на 12 години (три мандати). Маѓар го опиша амандманот како витален чекор за „ослободување на Унгарија од системот што ја држеше државата во заробеништво, ја ограбуваше нацијата и го окупираше демократскиот систем со децении“. Потоа, судиите и обвнителоте ќе мора да одат во пензија на 70 години. Оваа возрасна граница веднаш би го прекинала мандатот на главниот обвинител Петер Полт, кој беше назначен за време на ерата на Орбан.

Понатаму, амандманот го враќа правото на судиите на Уставниот суд да го избираат својот претседател, ја зголемува улогата на обичните судии во изборот и отповикувањето на врвните судски лидери и ја воспоставува уставната основа за новата Национална канцеларија за враќање и заштита на средства.

Орбан го осуди потегот како „автократија на Тиса (партијата на премиерот)“ и повика на масовен протест за четвртокот. „Тиса ги преминува сите човечки, морални граници и границите на владеењето на правото“, напиша на социјалните мрежи. Лидерот на парламентарната фракција на Фидес, Гергели Гуљаш, го повтори предупредувањето, нарекувајќи го законот „крај на уставната демократија и почеток на автократијата во Унгарија“.

Протестот во четвртокот вечерта се одржа; дојдоа неколку илјади поддржувачи на Фидес, но Виктор Орбан го немаше никаде. Тој повика на протест а не се појави на него. Од партијата даваа некакви прозаични објаснувања зошто не дошол на протестот. Како, на пример, не сакал да биде во центарот на вниманието.

Веројатно дел од таа „автократија“ за која зборува Орбан е тоа што во вторникот Радио Кошут и М1, главниот јавен телевизиски канал во Унгарија, го прекинаа емитувањето на информативната програма и на телевизиските екрани се појави  пораката: „Јавните медиуми не треба да лажат. Жал ни е што го правевме тоа толку долго. Јавните медиуми сега ќе бидат реформирани за да бидат независни и доверливи. Нашата информативна програма моментално е суспендирана. Останете со нас!“ пишуваше на црн екран.

За време на изборната кампања, државните медиуми го демонизираа Маѓар како марионета на Брисел, отсутен татко и предавник. Како кандидат, тој вети дека ќе го суспендира известувањето на државните медиуми, опишувајќи го како „фабрика на лаги“. Под Орбан, околу 80% од медиумскиот пејзаж беше контролиран од лојалистите на Фидес, вклучувајќи ги државните и приватните медиуми. Аналитичарите велат дека се очекува неколку од приватните медиумски компании поврзани со Фидес да ја преживеат промената на владата, бидејќи останаа популарни. Сепак, нивното влијание може да биде ограничено од поголема конкуренција, додека нивната уредничка линија може да еволуира со промената на владата.

* * * * *

„Пиквиковиот клуб“ од Скопје

И на крај, малку за омилената тема во врвот на државата – Имануел Кант. „Потребно ни е повеќе кантијанизам, а помалку макијавелизам во политиката“, порача претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова во својата изјава пред почетокот на самитот на НАТО што се одржа во Анкара. „Денеска би сакала да порачам дека мотото ‘Посилна Европа, посилен НАТО’, според моето сфаќање, значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилна Европа е онаа што живее во мир и демократија, заснована на принципи и вредности. Тоа е мојата порака“, им рече таа на новинарите и си замина.

И лани во октомври, на самитот на Европската политичка заедница во Данска, Сиљановска зборуваше за Кант: „Потребна ни е политика како уметност на можното, наместо политиката што ја живееме во која прашањето е кој, кога и како победува. Ни треба повеќе кантијанизам, наместо макијавелизам“, им рече таа на неколкумина новинари во Копенхаген и си замина.

Но кој има време да се занимава со филозофски флоскули на самит на најголемата воена алијанса кога се разговара за трошење на милијарди и милијарди долари за оружје. И кога американскиот претседател Трамп нареди нови напади на Иран и го прогласи привремениот мировен договор за мртов. Можеше Сиљановска кога паднаа пак американските ракети на Иран да реагира споменувајќи го кантијанизмот. Да, можеше, но е неможно. Претседетелката треба да смисли нов наратив, овој е веќе дополнително изветвен, иако и кога прв пат го кажуваше тој беше ветов. Ова е реална политика а не некаков дебатен клуб, нешто како „Пиквиковиот клуб“ на Дикенс.

(Линк до текстот во Дојче веле овде