Како Груевски стана доктор на науки


Поранешниот претседател на Владата, Никола Груевски, стана доктор на науки. Докторската дисертација на тема „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал, со посебен осврт на Република Македонија“  во осум поглавја и распослана на повеќе од 300 страници околу еден час ја образложуваше пред присутните членови од семејството, двете ќерки, мајка му Нада Груевска, професори и новинарски екипи. Одбраната на докторската со коментарите и прашањата од професорите и присутните траеше цели четири часа. Откако се стекна со повисок степен на образование, среќата најпрво ја сподели со блиските, а радоста не можеше да ја сокрие мама Нада. Комисијата професори во состав: Методија Несторовски, претседател, Михаил Петковски, ментор, Владимир Филиповски, Љубе Трпески и Живко Атанасовски даде позитивно мислење за одбраната  на докторската дисертација. Подвлекоа дека  кандидатот покажал дека ја владее темата, дека самостојно ги изработил докторската и заклучоците на поставените прашања. По изнесената изјава на новинар на социјалните мрежи дека  докторатот на поранешниот премиер  е нарачано истражување од лондонска компанија и е платено со народни пари, Груевски кусо одговори дека тоа не е вистина.

„Имав можност да го одбранам мојот докторски труд, кој го  започнав пред повеќе години. Барањето да бидам прифатен за докторанд го доставив уште кон крајот на 2011 година. Отприлика две третини од докторскиот труд се однесува на меѓународните текови на капиталот во светот воопшто и анализирани се 15 земји. Анализа е направена и за Македонија, како посебен предмет за нас кои тука живееме. Ми беше задоволство пред советот од пет професори да го одбранам овој докторат“, рече Груевски откако стана доктор на науки.

Претседателот на комисијата, професорот Несторовски, рече дека за докторската на Груевски преку архивата на факултетот стигнало само едно прашање од професорот Александар Костадиновски: Вo кои држави и како е испран странскиот капитал од Македонија? Груевски одговори дека  поранешната Влада во изминатите десет години континуирано ја зајакнувала регулативата против перењето пари, па  дури и во закон се вметнувале сите новини што постојат во други држави  во правец на запирање на перењето пари, односно негово, како што рече, оневозможување.

Во експозето на трудот поранешниот премиер се осврна на странските инвестиции и на  нивното привлекување додека тој ја предводеше Владата, со оценка дека биле успешни оти се намалил бројот на невработени во земјава. Во амбиентот на должничката криза, државата, според него, останала посветена на привлекувањето инвеститори, како силен фактор за развој на економијата. „Инвестирањето во земјава во изминатата деценија ѝ овозможи на Македонија да се појави на меѓународната инвестициска карта. Странски компании ја гледаа Македонија како порта за влез на европските пазари и како нова европска економија во подем од која може да произведуваат и да извезуваат производи со државите за кои има договори за спогодба“, објаснуваше Груевски.

Странските инвестиции, рече Груевски, влијаеја врз растот на македонскиот извоз од 1.9 милијарди  евра во 2006 година на над 4 милијарди евра во 2016, или  околу 40 отсто извозот бил од компаниите што се странски инвеститори. Се пофали и дека значаен показател за земјава е покриеноста на увозот со извоз на добра што се зголемила од 63.2 отсто во 2005 година на 74 отсто во 2016 година.

Забелешка од професорите беше дека трудот можел да биде покус и срочен на околу 100 страници и да содржи критика. Груевски рече и дека фиксниот курс на денарот ја завршил својата работа и земјата треба да размисли за ограничен флексибилен курс на денарот, со претходна опсежна подготовка.

Инаку, докторската дисертација била ставена во системот за анализа, односно софтверот за плагијати и тој нашол 5.78 отсто совпаѓање со 573 документи. Докторскиот труд поранешниот премиер го бранеше на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Вероника Мароска-Леова