Токсикологија останува без д-р Беќаровски: Време е приватна клиника да отвори одделение за детоксикација


 

Докторот Нико Беќаровски си заминува од државното здарсвтво, од токсикологија, таму кадешто навикнавме да го гледаме со години. Така може да се протолкува неговата порака на Фејсбук.

Докторот од  Клиниката за токсикологија Нико Беќаровски на својот фејсбук-профил напиша:

„35 години бев најголем борец за здрав ЈАВЕН ЗДРАВСТВЕН СЕКТОР. ДОН КИХОТ конечно го напушта оклопот.

Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте“, напиша тој на Фејсбук.

Вчера, заедно со уште пет доктори од стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија одржаа конференција за медиуми за јавно да проговорат за небулозите со кои се соочуваат откако ден пред формирање на техничката влада беше назначена економската директорка Бесија Иљази. Потоа, место да ја разреши Иљази, министерот за здравство Илир Демири го разреши медицинскиот директор Данил Петровски.

Беќаровски и неговите колеги рекоа дека Иљази не дозволила да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, туку сака да се вработат 18 лица на кои им истекле договорите за дело лани на 31 декември, меѓу кои имало и лица кои немаат соодветно образование за тука.

Иљази, според докторите, е проблематична од нејзиното стапување на функција. Не зборува македонски јазик па комуникацијата со неа се одвива преку преведувач од албански, за што тие изразија сомнеж дека им се преведува соодветно, реченото. Дополнително, медиумите пишуваа дека од првиот ден на функција, таа на работа доаѓа со нејзиниот татко, кој како да има улога на обезбедување.

По вчерашните обвинувања од лекарите, таа излезе на прес-конференција, на која не даде одговор на македонски јазик, по што новинарите си ги собраа микрофоните.