Има ли субвенции за згаснување весници ?

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Порталот на „Независен весник“ в петок ќе наполни две години, во атмосфера кога весникот, кој на 25 овој месец исто така ќе наполнеше две години, веќе една недела не излегува од печат.
На двегодишнината од стартот на „Независен весник“, како нова надеж на медиумската сцена во земјава, по згаснувањето на три долгогодишни и влијателни весници (во тој случај повеќе од политички отколку од економски причини), актуелната влада донесе нова одлука за субвенционирање на печатените медиуми. Интимно се надевав дека ќе почекаат со овој потег барем додека да се оладат машините во печатницата од каде што нашиот весник две години тргнуваше кон читателите. Ама не почекаа…
И да ја преживееше „Независен“ двегодишнината од излегувањето на првиот број, немаше да биде дел од субвенционираните печатени медиуми. И оваа година ќе бевме ставени во нерамноправна (и неправедна) положба во однос на другите (навистина малубројни) дневни весници во земјава. Иако „Независен весник“ заостануваше зад овие весници според години на „стаж“, во ниту еден случај не заостануваше по квалитет, професионалност, почитување на стандардите во новинарството… Па и од аспект на искуството и ентузијазам. Во „двегодишниот Независен“ работеа и новинари со триесетгодишен стаж во професијата, но и млади и надежни кадри. Затоа и е голема иронија што весникот не успеа да преживее три години, за да „заслужи“ да се вброи во субвенционираните медиуми.
Во време кога на големо се раздаваат субвенции за инвертер клими, за велосипеди или електрични тротинети … снемува субвенции за плурализам во медиумите, барем не на реални критериуми – врз основа на професионалност, објективност, независност, почитување на кодексот… Така, билансот од декларативните заложби за плурализам во медиумскиот простор на крајот е сведен на четири згаснати печатени медиуми за само две и пол години. А, со оглед на „тригодишниот“ критериум за субвенционирање, не е тешко да се предвиди дека и во иднина лесно ќе издише каква било иницијатива за нов пречатен медиум во земјава. Освен ако дотогаш не се сменат критериумите во владината одлука…
Впрочем, одлуките на извршната и на законодавната власт се носат за да се менуваат – некогаш како резултат на политичка волја, другпат поради тоа што настанале поинакви околности во сферата на која се однесуваат… И оваа одлука за поддршка на печатените медиуми можеше да биде сменета – и тоа во согласност со критериумите на ОБСЕ, ако имаше политичка волја за тоа и чувство за сменетиот аммбиент во медиумскиот простор во земјава. Ама немаше…