Гарванлиев пее шести во првото полуфинале на Евросонг во Ротердам
Холандија- Евровизиската ждрепка одлучи по кој редослед ќе настапуваат полуфиналистите во мај. Нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев со автобиографската песна „Here I Stаnd“ го доби бројот 6 за во првото полуфинале на 18 мај. Од регионот, во групата се и Хрватска и Словенија.
Организаторите на годинешниот Евросонг кој ќе трае до 22 мај добија дозвола тој да се одржи во присуство на 3.500 фанови, како дел од тестирање што го спроведува холандската влада. Фестивалот ќе се одржи во мај во салата „Ахој“ во Ротердам откако лани беше откажан поради коронавирусот.
Според планот, салата ќе биде половично полна, а присутните ќе мора да имаат негативен тест за коронавирус.
Ова следува откако минатиот месец во близина на Амстердам се одржа дводневен музички фестивал, на кој присуствуваа 1.500 луѓе, додека 5.000 фанови добија дозвола да ја бодрат холандската фудбалска репрезентација на саботниот меч со Летонија. И покрај тоа, премиерот Марк Руте најави дека полицискиот час и други рестрикции ќе бидат продолжени до крајот на април.
Конечниот договор околу Евровизија ќе биде потврден на крајот на месецот и сѐ уште може да се менува ако дојде до нов пораст на бројот на заразени. Организаторите претходно излегоа со 4 можни сценарија, од тоа манифестацијата да се одржи нормално, до претходно снимање на настапот и без публика. На изборот на Песна на Евровизија ќе учествуваат 38 земји. Сепак, изгледа тешко дека меѓународната публика ќе може да ги гледа изведувачите во живо поради бројните патни органичувања.

Во претходен разговор за „Независен“ Васил ни потврди дека се во тек финалните подготовки за сценскиот настап и костимографија. На сценскиот настап работи проверено дуо од Шведска, режисерките Тине Матулеси и Мари Рибергер.
-Со бек ап настапот кој го снимавме во Белград ги увидовме уште подобро сите замислени елементи како функционираат на сцена и беше одлична генерална проба за нас. Сега знаеме на што треба дополнително да се фокусираме за Ротердам. Костимографијата за сценскиот настап ќе биде дело на Раде Василев, а ќе носам костум на „Сињори“, ни изјави Гарванлиев.