Бугарија избришана од картата на словенската писменост во руски документарен филм

Во филмот „Една вера, еден јазик“ се тврди дека татковина на словенската азбука е Македонија. Тоа разгневи многу Бугари на социјалните мрежи


Картата прикажана во филмот, каде што не е ни наведено дека во тоа време постоело бугарското царство

 

Еден руски документарен филм во кој Бугарија е избришана од картата на словенската култура предизвика огромни реакции на Бугарите на социјалните мрежи. Можеби најмногу поради тоа што во филмот се тврди дека татковина на словенската азбука е Македонија.  

Филмот се вика „Една вера, еден јазик“, сценариото и режијата се на Елена Мироненко. На 22 декември се прикажуваше на филмскиот фестивал во Македонија наречен „Богородичен покров“. Според податоците, филмот бил прогласен за „Најдобар телевизиски филм на регионално телевизиско студио“ на XXVI меѓународен филмски и ТВ фестивал „Радонеж“ во Москва. На фестивалот „Богородичен покров“ се прикажуваа документарни и играни филмови посветени на културното и духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови од Македонија, Русија, Србија, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија и Франција.

Што е она што ги разгневи Бугарите на социјалните мрежи?

Најмногу дека филмот „Една вера, еден јазик“ се снимал со помош на руската амбасада во Македонија и дека татковината на словенската азбука е Македонија, а браќата Кирил и Методиј немаат никаква врска со Бугарија, која не е ни претставена како литературен и православен центар во Балканот во IX и X век.

Во филмот е прикажана карта на Југоисточна Европа од IX век, на која Бугарија не е ни означена. Покрај зборовите „Македонија е родното место на словенската азбука“, нараторот зборува дека сите древни духовни текстови на Русија, Украина, Србија, Црна Гора, Бугарија и Македонија се напишани на црковнословенски, кој потекнува од Македонија.

Авторите на филмот се движат по патот на светите браќа Кирил и Методиј. Го започнуваат патот на Кирил и Методиј во 861 година и наводно тие тогаш тргнале по патот кон Хазарите и се задржале во сегашниот украински град Херсон две години. Во филмот се прикажани и посети на црквите и манастирите „Св. Климент Охридски“, „Св. Наум Охридски“, „Св. Прохор Пчински“ и „Св. Василиј Острошки“ во Црна Гора.

Според филмот, руско писмо имало и пред глаголицата, а во Херсон двајцата браќа се запознале со ова руско писмо бидејќи им било потребно за да ја создадат новата азбука. Така се сугерира дека Кирил и Методиј лично ги поставиле темелите на „Третиот Рим“ – Москва.

Во „Една вера, еден јазик“ има приказна за Климент и Наум, кои го основале првиот голем словенски универзитет во Охрид. Бугарите се лути што не се споменува царот Борис I, кој ги покрсти Бугарите во 864 година и го воведе во употреба старословенскиот јазик. Во филмот се вели дека „од Охрид доаѓа православната вера, која ги обединила словенските народи – Русите, Украинците, Белорусите, Бугарите, Србите и Македонците“.

Се споменува дека Климент и Наум само „поминуваат“ во тогашниот центар на бугарското царство – Плиска.  Иако е факт дека Наум останал во Плиска, каде ги поставил темелите на Преславската книжевна школа, а Климент бил испратен како мисионер во областа Кутмичевица во Македонија, каде ја основал Охридската книжевна школа. Подоцна и Наум доаѓа во Охрид.

Нараторот уште вели: „Добрата вест која дојде во Русија преку Македонија, потоа во XIII и XIV век се врати таму со руски богослужбени книги и со тоа го затвора кругот на заштита на словенските земји што го обезбедува Русија. Кирил и Методиј го изградија нашето единство, а сега некој им објави војна на православните словенски народи“.