Нема цена да влезам во неизвесна авантура за ЕУ, вели Мицкоски
Премиерот оценува дека во Бугарија „драматично се радикализира состојбата“ и побара јавноста да се обедини зад Владата
Ден по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, премиерот Христијан Мицкоски потврди дека разговорите во основа биле неуспешни околу излегувањето од ќор-сокакот на патот кон ЕУ. Кошта вчера jа зацементира политиката на ЕУ за нашата држава порачувајќи дека – усвојувањето на договорените уставни измени останува „единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори“: „Како што кажав и пред една година: Она што е договорено, е договорено“.
Мицкоски денеска ја зацементира својата позиција велејќи дека „нема цена што може да ме натера да влезам во авантура, без извесен крај за преговорите со ЕУ“.
„Многупати во минатото на граѓаните, но и на политичарите од македонската влада, им беа давани ветувања, беа тапкани по рамо дека уште ова треба да се направи, но за жал ние се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 26 години“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за економките резултатите на Владата.
Тој оцени дека во Бугарија „драматично се радикализира состојбата“. Мицкоски тоа го темели „од информациите што ги имам и она што ми беше соопштено од билатералната средба меѓу министрите за надворешни работи, нашиот и на источниот сосед. (Уставните измени) не сее единствениот услов за да влеземе во процесот и тој процес да го изодиме до крај, туку, напротив, таму работите драматично се радикализираат, а причината за тоа е опозицијата кај нас, која, за жал, не избира средства за да ги урива позициите на Владата кога станува збор за одбрана на македонските национални интереси и претставува мекото ткиво на македонскиот национален идентитет“..
Тој ја повика македонската јавност да застане и да се обедини за политиките на Владата кога станува збор за ова прашање бидејќи, како што рече, „колку повеќе сме заедно, обединети, толку повеќе сме силни и дома и надвор“. „А овие што се мекото ткиво, според него, „набргу ќе бидат и поразени и минато на политичката сцена во државата“.
Па нагласи дека Владата имала визија и дека патот кон ЕУ „не е спринт, туку маратон“.
„Но, и тоа ќе го издржиме, имаме доволно сила. Ние сме подготвени за сето ова, имаме факти, имаме аргументи, ќе работиме… Ова не е спринт, ова е маратон. Потребни се стратегија, план, визија… Ова се победува со ум. Не се победува со брзање и под притисок“, рече Мицкоски.
Тој не очекува промена на позициите на Софија по изборот на новата бугарска влада.
„Јас не очекувам од страна на Софија промена на ставот, особено не сега кога таму новата влада е во тнр. политички меден месец. За да направат пренос на вниманието од домашните проблеми, тие ќе се обидат да креираат ваков тип на прашања во кои ќе се покажат како луѓе што ќе ги штитат нивните интереси. За разлика од тука, таму постои единствено мислење кога станува збор за ова прашање“, нагласи премиерот.
„Ние сме фронтранери, а не тие што се третираат како замислени фронтранери, односно земји што исполнуваат услови и се напред и ја водат групата Западен Балкан 6“, рече Мицкоски.