Мицкоски дојде на власт со лаги, а сега бара нашите деца да јадат корења, вели Филипче
Претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, денеска оцени дека посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја потврдила вистината дека уставните измени се единствениот услов за продолжување на европскиот пат на Македонија.
„Вистината излезе на виделина, нема дополнителни гаранции, нема дополнителни услови, постојат само уставни измени, сѐ друго е само измислица и само една кампања. Христијан Мицкоски и ВМРО дојдоа на власт со лаги“, рече Филипче на прес-конференција.
Тој додаде дека сите ветувања за промена на преговарачката рамка, дополнителни гаранции и уставни измени со одложено дејство се покажале како невистинити.
„И сега е јасно, така како што укажувавме целиот изминат период – такви гаранции е невозможно да се добијат. Одложено дејство на уставните измени едноставно нема. И тоа беше лага со која што и Христијан и неговата банда ја манипулираа јавноста“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ тврди дека вистинската причина поради која ВМРО-ДПМНЕ ја блокира европската иднина на државата не е заштита на идентитетот, туку страв од европско обвинителство и одговорност.
Според него, додека функционерите на ВМРО и нивните семејства си обезбедиле европска иднина, на граѓаните и нивните деца им нудат изолација, чекање со децении и откажување од европската перспектива.
„Додека пола Влада, пратеници, функционери на ВМРО имаат бугарски односно европски пасоши во џебовите, сите други во државата и нивните деца сега треба да чекаат со децении според нив и да јадат корења. Значи сите да јадат корења, а Владата, претставниците на власта со владиниот авион да одат на море“, рече Филипче.
Тој нагласи дека таквото однесување нема никаква врска со патриотизам туку со лицемерие.
Лидерот на СДСМ изјави дека Мицкоски со „чудно задоволство зборува за чекање со децении надвор од Европа, а тоа сите нас ќе нѐ чини прескапо“.
„Гледаме дека најавата и изјавата на Христијан Мицкоски дека нема да се поместиме ни чекор и дека сме подговтени да чекаме со децении, ја кажува со некакво чудно задоволство, а таа цена сите нас ќе нѐ чини прескапо. Затоа сме толку гласни и толку настојуваме со ова многу важно прашање за државата, затоа што суштината на политиката е да се обезбеди подобар живот на граѓаните во земјата и подобра и посигурна иднина на државата“, рече Филипче.