ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли пораката на Кошта, бара реципроцитет од Бугарија


Фото: Б. Грданоски

 

Со денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната изјава на претседателот на Ебропскиот совет, Антонио Кошта се појавува на површина главното прашање: дали владејачката партија воопшто сака Македонија да влезе во ЕУ.

Кошта вчера по средбата со премиерот Христијан Мицкоски jа зацементира политиката на ЕУ за нашата држава порачувајќи дека – усвојувањето на договорените уставни измени останува „единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори“ со Унијата. „Како што кажав и пред една година: Она што е договорено, е договорено. И, треба да се испорача она што е договорено во 2022 година и ништо повеќе од она што е договорено“, рече Кошта на прес-конференцијата со Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение ги отфрла овие зборови на Кошта и бара „реципроцитет и исполнување на обврските на Бугарија“

Македонија не смее повеќе да води политика на потчинување и еднострани отстапки кон Бугарија, како што нудат СДС и Венко Филипче.

Билатералните прашања мора да се решаваат врз основа на реципроцитет, меѓусебно почитување и исполнување на обврските од двете страни. Потребен е дијалог а Бугарија да ги исполни своите обврски, Македонија нема да прифаќа нови условувања.

Венко Филипче сѐ почесто настапува со позиции кои се совпаѓаат со официјалните ставови на Софија, наместо со ставовите и интересите на македонските граѓани. Наместо да бара реципроцитет и почитување на македонските позиции, тој нуди нови отстапки и враќање кон политиките кои граѓаните веќе ги отфрлија. Наместо СДС и Филипче да ги бранат државните интереси, тие се подготвени на нови отстапки без никакви гаранции и резултати за Македонија.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на европскиот пат, но нема да прифати уцени, диктати и дополнителни барања кои не се дел од европските критериуми. Очекуваме и Бугарија да ги исполни своите обврски, вклучително и почитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи достоинствено, одговорно и принципиелно да ги брани државните и националните интереси и нема да дозволи евроинтегративниот процес да се претвори во средство за нови уцени кон македонскиот народ и држава“, велат од владејачката партија.