Извештај на АФЕТ: Недоволни реформи во Македонија, уставните измени остануваат услов


 

Европратениците од Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) предупредуваат дека напредокот на Северна Македонија во реформите поврзани со ЕУ е недоволен, особено во областа на владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата.

Во извештајот усвоен во средата, членовите на ЕП ја нагласија својата целосна поддршка за посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ, но потенцираа дека напредокот во пристапните преговори и понатаму зависи од трајни и длабоки реформи.

За уставните измени неопходно е нивно усвојување за да се овозможи отворање на првиот преговарачки кластер. За владеење на правото е изразена загриженост поради корупцијата која е присутна во многу области и за јазот помеѓу првичните истраги и конечно изречените пресуди во случаите на корупција на високо ниво. Потоа, постојат координирани обиди за манипулација со информациите и поткопување на довербата во ЕУ преку дезинформации.

Македонија доби пофалби за нејзиното целосно усогласување со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ.

Извештајот беше усвоен со 43 гласа „за“, 17 „против“ и 13 „воздржани“. Следната фаза е гласање на овој документ на пленарна седница на Европскиот парламент во неговиот целосен состав.