Австралија ќе ја ограничи потрошувачката на вода во центрите за податоци
Австралиската влада има намера да ја ограничи потрошувачката на вода во центрите за податоци и да бара од нив да бидат производители на нето енергија, потврди премиерот Ентони Албанезе, најавувајќи го формирањето на посебна владина канцеларија за вештачка интелигенција (ВИ).
Австралиската влада ќе формира „Канцеларија за ВИ“, која ќе управува со развојот на австралиските стандарди за ВИ и ќе ги координира мерките низ министерствата во единствен владин пристап кон секторот.
„Досега, одговаравме од случај до случај, сектор по сектор. Време е да се дефинира како ќе изгледа ВИ во Австралија“, рече Албанезе во Сиднеј, додавајќи дека повеќе не е прашање дали или кога ВИ ќе ја трансформира австралиската економија, бидејќи тоа веќе се случило.
Најавениот владин пристап е прв од ваков вид во светот и треба да го обезбеди статусот на Австралија како привлечна дестинација за инвестиции во ВИ, верува Албанезе, бидејќи поставува јасни критериуми за одобрување на проекти и поедноставен процес за усогласување со законодавството.
„Нашите австралиски стандарди ќе постават јасни правила за големите центри за податоци, за тоа каде се градат и за нивната потрошувачка на енергија и вода“, рече премиерот, додавајќи дека законодавството ќе биде доставено до парламентот на почетокот на следната година.
Австралија се стреми да се позиционира како лидер во вештачката интелигенција и глобален центар за центри за податоци, но јавноста бара и построга регулатива бидејќи технологијата станува сè пошироко користена низ целата економија.
Австралиската јавност стравува дека ширењето на технологиите за вештачка интелигенција може да доведе до губење на работни места и повисоки трошоци за енергија. Исто така, постојат загрижености за потенцијални прекршувања на безбедноста и интелектуалната сопственост, како и ризици за животната средина, со оглед на ширењето на центрите за податоци што користат огромни количини вода.
„Бранот центри за податоци управувани од вештачката интелигенција ќе има големо влијание врз нашиот енергетски систем и, доколку не се контролира, може да доведе до вртоглаво зголемување на цените и неконтролирано загадување“, рече Аманда Мекензи, извршен директор на тинк-тенкот Климатски совет.
Австралија моментално не ја регулира вештачката интелигенција со специфично законодавство, туку се потпира на низа закони за приватност и заштита на потрошувачите и етичка рамка за вештачката интелигенција што се применува на доброволна основа, забележува Ројтерс.