Трамп во првата година од мандатот направил над 21.000 берзански трансакции
Американскиот претседател Доналд Трамп за период од една година реализирал повеќе од 21.000 трансакции со акции и други хартии од вредност.
Според анализата објавена од германскиот „Шпигел“, а врз основа на 900-страничната декларација, трансакциите биле извршени преку осум инвестициски сметки на Трамп. Купувањата на хартии од вредност се проценуваат на меѓу 461 милион и 1,4 милијарди долари, додека продажбите на меѓу 138 милиони и 433 милиони долари.
За споредба, поранешниот американски претседател Џо Бајден пријавил само 13 трансакции со хартии од вредност во текот на целиот четиригодишен мандат.
Меѓу позначајните датуми на активност се издвојува 8 април 2025 година, кога биле реализирани 327 купувања, вклучително и акции на „Епл“ и „Енвидија“, непосредно по најавата за нови американски царини што предизвика пад на берзите.
„Шпигел“ наведува дека нема докази за поврзаност на инвестициите со политичките одлуки на Трамп. Од Белата куќа соопштија дека сметките ги управуваат независни финансиски институции без интервенции на претседателот.
Декларацијата покажува и дека Трамп пријавил значителни приходи од криптовалути, дивиденди и недвижности, како и други средства.