Ќе ја одврати ли Хан опозицијата од амнестијата?


Иако средината на овој месец беше планирана како термин за распишување на референдумот за името, тој процес е моментно заглавен, меѓу другото, и затоа што нема кој да го спроведе плебисцитарното изјаснување. Премиерот Зоран Заев изрази вчера подготвеност да ги слушне, како што рече, аргументите на опозицијата во врска со законите за финансирање на партиите и за влада, иако, како што оцени, тоа се веќе усогласени прашања што опозицијата наеднаш ги исфрли на површина.
Според премиерот, треба да се пристапи со сериозност и кон опозицискиот предлог за предвремени избори, особено ако тоа гарантира успешен референдум. Единствено, не поминува засега барањето на ВМРО-ДПМНЕ за амнестија за настаните во парламентот на 27 април минатата година. Тој предлог, според информациите, го смета за „непристоен“ и меѓународната заедница, особено ако се има предвид дека расчистувањето и судската завршница за настаните на 27 април стана нов критериум што ЕУ ѝ го поставува на Македонија.
Се очекува на тој момент да укаже денеска и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, иако оваа негова посета на земјава е главно поради скрининг-процесот што Унијата го почнува во Македонија и во Албанија. Хан ќе има денеска обраќање во македонскиот парламент и тоа во Националниот совет за евроинтеграции што го предводи Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ. Предвидена е и негова средба со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
Американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли, во вчерашното интервју за „Независен весник“ исто така посочи дека подобрувањето на владеењето на правото е еден од главните приоритети на Македонија. Обвиненијата за 27 април, како што оценува Бејли, се сериозни, така што е важно правниот процес да продолжи на темелен, непристрасен и независен начин.
„САД кажаа неколкупати дека организаторите и извршителите на нападите треба да бидат одговорни за своите постапки. Во исто време, сите поединци имаа право на пресумпција на невиност. Запирањето на правните процеси сега само ќе ја поткопа довербата на граѓаните во институциите преку зајакнување на идејата дека секоја одлука е заснована на политичко договарање“, вели Бејли.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и на партискиот протест во Кавадарци во неделата барањето за амнестија го поврза со патриотизам на оние што се обвинети за настаните на 27 април. Според Мицкоски, ако Заев ослободил 800 криминалци кои се вратиле на улиците, може да ги амнестира и патриотите.
Од СДСМ, пак, велат дека се залудни обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку условувања за амнестија да ја закочи македонската иднина.
„Граѓаните велат ‘не’ за амнестија на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните велат ‘да’ за членство во ЕУ и НАТО, граѓаните велат ‘да’ за македонската иднина“, се вели во соопштение на СДСМ.
Заев очекува до крајот на неделава да се заокружи процесот околу датумот, прашањето и карактерот на референдумот за името.
„Очекуваме до крајот на неделата, заедно политичките лидери, претставници на политичките парламентарни партии, да ги дефинираме овие работи заради тоа што роковите се собираат, времето тече ако сакаме да ги фатиме 23 септември, 7 октомври како некои проектирани датуми. Очекувам дека оваа седмица ќе можеме да го заокружиме процесот околу датумот за референдумот, прашањето и карактерот“, изјави Заев.
Тој рече дека продолжуваат разговорите околу законот за финансирање на политичките партии и изборот на ДИК, како и делот околу техничка влада и пржинскиот процес. Заев не исклучува лидерска средба во случај работните групи на парламентарните партии до крајот на неделава да не постигнат договор.
„Ако нема решение преку работните групи, јас би свикал лидерска средба или кој било од лидерите од парламентарните партии би можел да свика. Редно е до крајот на оваа недела да ги заокружиме овие процеси. Граѓаните очекуваат одговори“, рече Заев.


И Груевски бараше амнестија

Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за амнестија за 27 април не е од нов датум. Претходниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пред самото заминување од партискиот врв, бараше јавно амнестија, со цел, како што велеше, национално помирување.
Притоа, Груевски настапуваше со речиси иста аргументација како и неговиот наследник во партијата, Христијан Мицкоски, посочувајќи дека се амнестираат илјада затвореници, а патриоти и интелектуалци се во притвор.
Отворањето на судскиот случај за крвавиот четврток, со кој се опфатени триесетина лица, меѓу кои и петмина пратеници што се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок, всушност беше иницијалната каписла за заминувањето на Груевски од челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ. Тој ја најави оставката набрзо по средбата со премиерот Зоран Заев и претседателот Ѓорге Иванов, што шефот на државата ја свика по приведувањата за насилствата во парламентот.
Со предлози за амнестија за кравиот четврток во повеќе наврати излегуваше и претседателот Иванов. Тој првпат излезе со вакво барање набрзо откако реши конечно да му го даде мандатот на Заев за составување влада, односно набрзо по 27 април 2017 година.
Овој пат Мицкоски ја актуализира познатата тема во период кога од опозицијата се очекува да даде придонес за организирање на референдумот за името и за евроинтеграциите, како и за негова успешност.

 

Ќе нема избори со референдумот, ама можни се потоа

Премиерот Зоран Заев, вчера, ја исклучи практично опцијата за предвремени парламентарни избори заедно со референдумот. Затоа, пак, тој не исклучува вонредни избори по референдумот, а пред полноправното членство на Македонија во НАТО и почнувањето преговори со ЕУ, за што главен услов е спроведувањето на договорот со Грција. Според тоа, евентуалните предвремени парламентарни избори би се поклопиле со претседателските напролет следната година, како што и првично бараше опозицијата.
Ваквиот став на Заев доаѓа како одговор на предлогот на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој порача од Кавадарци дека прво треба да има предвремени избори, а потоа да се влезе во ЕУ и во НАТО.
„По дебаклот што ви се случи на прославата за НАТО, сличен дебакл ќе доживеете и на следните предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.
И покрај проценките дека избори паралелно со референдумот би можеле да влијаат за подигање на излезеноста, со оглед на високиот референдумски праг, Заев овој пат настапи со став кој се поклопува со забелешката на еврокомесарот Јоханес Хан дека во врска со договорот за името треба да се оди само на едно гласање. Неодамна Хан изјави дека за време на референдумот треба да се гласа само за една работа, што би значело дека нема потреба овој процес да се поврзува со избори за нов парламентарен состав.
Заев, сепак, оцени дека заслужува внимание барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори пред да се разговара за членството во НАТО и ЕУ, ако, како што вели, тоа го гарантира успешниот референдусмки процес.
– Сум бил опозиција пред една година и знам дека е вредност да се седне, да се разговара, секако ако ова гарантира успешен референдумски процес. Ако успееме да го достигнеме цензусот, да ги мотивираме граѓаните да излезат за едно вакво историско прашање, сите опции се отворени, па дури и оваа, така што заедно тоа ќе го разгледуваме – изјави Заев.

Александра М. Митевска