Ќе стави ли Русија фуснота на името на Македонија?


По нервозната реакција на руското министерство за надворешни работи околу прифаќањето на уставните измени во Македонија, со нови оценки излегоа лично претседателот Владимир Путин и шефот на дипломатијата Сергеј Лавров. Во последен обид да влијаат на гласањето во Грција и да дадат гласност на нивното барање за договорот за името да се расправа во Советот за безбедност на ОН, каде што и Русија има улога, и двајцата навлегоа во терен во кој не би влегла ниту една земја што држи сериозно до кредибилитетот на својата дипломатија.

Путин, имено, тврди дека зад имплементацијата на договорот со името стојат САД и неколку други западни земји, бидејќи сакаат да ја консолидираат својата доминација на Балканот и дека тоа станува сериозен дестабилизирачки фактор во регионот. Путин го изјави ова во интервју за белградските весници „Политика“ и „Вечерње новости“ пред неговата посета на Србија. Според него, Македонија, слично како и Црна Гора, насилно се вовлекува во Алијансата, спротивно на волјата на голем дел од населението.

„Тие се плашеа да одржат референдум за ова прашање и, како резултат на тоа, земјата минува низ период на политичка нестабилност“, оцени Путин во интервјуто. „Минатата година дури започна и процесот на донесување уставни амандмани и преименување на оваа држава, ревидирање на темелите на македонскиот национален идентитет за насилно внесување на Република Македонија во НАТО“, додаде тој со забелешка дека притоа била игнорирана волјата на македонските гласачи.

„Референдумот за промена на државното име не успеа, но надворешниот притисок продолжи“, додал Путин во интервјуто игнорирајќи го сосема фактот дека надвор од референдумот сите анкети покажуваат дека огромен процент од Македонците сакаат да влезат во НАТО, само што не сакаат за тоа да го сменат името на државата, односно дека проблем не е стратегиска определба туку цената што ја плаќа Македонија за тоа.

Лавров, пак, изјави дека Русија не е против новото име на Македонија туку го спори легитимитетот на процесот за промената на името на земјата. Со тоа тој практично ги отфрли дилемите дека Москва може да продолжи да ни се обраќа со името Република Македонија со фуснота, како што го правеше тоа досега Турција во сите меѓународни организации, односно – да одбие да го користи новото име, како што се плашат во Грција бидејќи смета дека и е наметнато на Македонија.

„Ние не сме против името. Се прашуваме колку е овој процес легитимен и колку е навистина условен од целта да се постигне консензус помеѓу Грција и Скопје или е предизвикан од интересот на САД сите балкански земји што поскоро да ги придобие во НАТО и да сопре било какви влијанија на Русија во овој регион“, порача Лавров.

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко, исто така изјави дека Москва не се меша во внатрешните работи на Атина, но ќе продолжи да го искажува мислењето околу прашањето со името на Македонија бидејќи тоа е во надлежност на Советот за безбедност на ОН. Грушко изјавил дека коментарот на руското МНР, со кој се осудува одлуката на македонскиот парламент да го промени Уставот заради промена на името на земјата, претставува суштинска оценка за тоа „како течеле преговорите (помеѓу Атина и Скопје за преименување на Македонија), под чиј меѓународен притисок и за мешањето без преседан кој го покажал Западот во постигнување на целосно јасни геополитички цели“.

Иако Русија има легитимни геостратегиски интереси, Македонија е далеку од нејзината граница, па нашето членство во НАТО ниту квалитативно ниту квантитативно нема да значи закана за неа. Ваквата руска загриженост се објаснува само со надежите дека покрај Србија, Москва може да собере и други балкански земји околу себе и да создаде некаков нов источен блок среде Алијансата. Затоа, реакциите на Москва, како искрени и пријателски, вчера ги прочита само партијата на Јанко Бачев, Единствена Македонија.

„И покрај тоа што најавата на руското МНР дека прашањето за името треба да биде разгледано во Советот за безбедност на ОН е добра во обидот да се спречи да се избрише се што е македонско, македонското МНР повторно реагираше во негативен контекст на искрените намери на Русија за почитување на светото македонско име, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ. Ова е стара практика на министерот во МНР, Никола Димитров, да прави провокации на антируска основа и да го руши концептот на пријателски односи со Русија“, порачаа од партијата.

Аргументите на Москва со кои го спори договорот меѓу Македонија и Грција се сведуваат на неколку: дека и договорот и новото име се наметнати однадвор и насилно, дека единствена цел е Македонија да влезе во НАТО, бидејќи тоа е интерес на Западот, а не наш, дека целиот процес е нелегитимен од аспект на актуелното македонско законодавство, дека не се почитувал ставот на претседателот Ѓорге Иванов и мислењето на мнозинството изразено на референдум, дека се игнорираат протестите против договорот и дека вака не се доаѓа до долгорочно решение – туку се поларизира општеството. Според Москва, одржливо решение мора да биде најдено без надворешен притисок и без наметнување рокови и услови, врз основа на широка општествена поддршка – во Македонија и во Грција – и исклучително во рамките на правото.

Притоа, Москва одбива да види дека договорот е билатерално прашање зад чие решение застанаа двајцата актуелни премиери кои не се ничии марионети, дека над две децении се преговараше за спорот и дека притисокот од надвор беше да се најде решение, но не и какво. Исто така, дека не може решение на спор да биде дестабилизирачки фактор кога нерешавањето беше токму тоа за Македонија, дека договорот е внатрешна работа на двете земји, а не на Русија, дека беше изгласан во нашиот парламент и дека руските интереси во однос на неширењето на НАТО не можат да бидат клучни кога се носат одлуки за Македонија.

Притоа, Москва го игнорира фактот дека Македонија не е претседателска туку пред сè парламентарна демократија, дека Иванов не застанал зад договорот, но застана владејачката коалиција, дека во Македонија опозицијата имаше простор да одигра улога околу договорот но одбра да бојкотира, додека на Москва не ѝ паѓа на памет да ја праша за некаков став опозицијата и напротив прават сè да ја снема, а референдум за крупни прашања во Русија никој не видел од времето на Борис Елцин, при што волјата на народот никој не ја провери ни кога го направија вечен претседателот на државата. А, тука гледаат народна волја кога и Бачев ќе излезе на улица со десетина следбеници. (Н.В.)