Ќе се саботира и НАТО за да се амнестира старата врхушка


Илија Димовски, како претседател на Комисијата за избори и именувања во парламентот, треба да закаже седница за селектирање на кандидатите што се јавија на конкурсот за избор на членови на ДИК. Неговата партија – ВМРО-ДПМНЕ, пак, треба да избере двајца од кандидатите (а меѓу пријавените 41 има и нејзини членови) и да му ги предложи на Собранието, од кои едниот кандидат треба да биде номиниран за претседател на ДИК. Потоа опозициската партија треба да овозможи двотретинско мнозинство за избор на новиот состав на Комисијата, според концептот што таа го бараше како преодно решение.
Само тие три чекори засега треба да ги направи ВМРО-ДПМНЕ за да се деблокираат процедурите за закажување и спроведување на референдумот за името, од кој зависи понатамошната реализација на договорот со Грција, што, пак, е услов за членството на Македонија во НАТО, а потоа и за почнување на преговорите со ЕУ. Но, сите овие крупни чекори што претстојат по изборот на ДИК сега се заглавени поради опозициските условувања претходно да бидат донесени измени во Законот за финансирање на политичките партии и во Законот за влада.
Овие две барања, за кои и онака имаше разговори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во изминатите месеци, всушност, само формално се пречка за формирање на новиот состав на ДИК, поради што и Владата го поднесе предлогот за измена на Изборниот законик. Развојот на настаните во изминатите седмици јасно укажа дека „големата цел“, всушност, е да се искористи критичниот политички момент за да се издејствува амнестија и тоа, најверојатно, не само за настаните на 27 април минатата година (како што и јавно побара партискиот лидер Христијан Мицкоски), туку, главно, за случаите што произлегоа од прислушувањето, а со кои се опфатени највисоките и највлијателните функционери на ВМРО-ДПМНЕ во претходната гарнитура на власт. На тоа упатуваат предлог-измените во Кривичниот законик што ВМРО-ДПМНЕ, наводно, ги ставила „на маса“ пред почетокот на меѓупартиските разговори за деблокадата на ДИК и за организирање на референдумот.
Од владејачкиот табор остануваат на ставот дека се подготвени да разговараат за барањата на ВМРО-ДПМНЕ, но не и за амнестија. Премиерот Заев изјави минатата седмица дека нема да дозволи ниту директна, ниту индиректна амнестија – можеби мислејќи на предлозите за измени во Кривичниот законик, што опозицијата, наводно, ги доставила за време на посетата на еврокомесарот Јоханес Хан на Скопје.
Ако се потврди дека ВМРО-ДПМНЕ бара измени во членовите 353 и 165-а од Кривичниот законик, кои се однесуваат на „злоупотреба на службената положба и овластување“ и на „злоупотреба на средства за финансирање на изборни кампањи“, тогаш јасно е дека овие дела немаат врска со настаните во парламентот на 27 април минатата година.
Пред почетокот на третата рунда преговори меѓу партиите, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат и натаму дека е апсолутно неточно дека партијата бара и преговара за амнестија. ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува, единствено се залага за подобрување на законските решенија и за примена на европските практики.
Вчера побаравме мислење од поранешниот министер за правда од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Михајло Маневски, за тоа што би значело евентуалното намалување на казните за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и за „злоупотреба на средства за изборни кампањи“. Но, тој вели дека не сака да коментира шпекулации и како што оцени, манипулации.
„Не сакам да коментирам шпекулации и манипулации. Ако има конкретен предлог, можеме да разговараме“, ни рече Маневски.
Според адвокатот и поранешен јавен обвинител Александар Наков, евентуалните измени во Кривичниот законик, судејќи според информациите што излегоа во јавноста, би значеле затворање на случаите што се водат против поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а пред сè за поранешниот премиер Никола Груевски.
„Сето ова упатува на тоа дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е да се дојде до поблаги казни и да застарат предметите што ги отвори СЈО за поранешни функционери. Во суштина, се злоупотребува политичкиот миг, за да се затворат случаите со кои се опфатени Груевски и дел од неговите најблиски соработници“, оценува Наков.
Тој посочува дека кривичното дело „злоупотреба на службената положба“ датира од почетоците на плурализмот во земјава и главно, се однесува на носители на јавни и државни функции.
Според проценките, евентуалното намалување на казните за злоупотреба на службената положба, за што се водат голем дел од постапките на СЈО, би водело кон побрзо застарување на делата. Дел од делата што се сторени во периодот по 2011 година, како што се проценува, би можеле да застарат до крајот на оваа година. Барем десетина случаи на СЈО, наводно, би можеле да завршат како застарени пред за нив да биде изречена пресуда. Со евентуални измени на Кривичниот законик, поранешни функционери би биле заштитени и од нови истраги за злоупотреба на средства за изборна кампања.
ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати бара амнестија за настаните на 27 април минатата година, за кои беа отворени неколку предмети, а за дел има и пресуди. Со вакво барање прв настапи претходниот партиски лидер Груевски, пред да замине од кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, кога за „крвавиот четврток“ беа приведени триесетина лица, меѓу кои и шестмина пратеници. Повеќето од нив се сега обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок“, за што минималната казна е 10 години затвор. „Познатото барање“ го актуелизира пред извесно време и новиот лидер Мицкоски, но партијата досега не достави до парламентот конкретен предлог на закон за амнестија за 27 април, иако имаше такви најави.

Што се однесува, пак, до случаите што произлегоа од „бомбите“, ова е најмалку трет обид на ВМРО-ДПМНЕ да издејствува амнестија за старото партиско раководство, покрај опструкциите што особено во минатото се правеа врз работата на СЈО. Неофицијалните информации говорат дека претходното партиско раководство и за време на преговорите во Пржино условувало со донесување закон за амнестија, откако претседателот Ѓорге Иванов, под притисок на јавноста, беше принуден да ја повлече колективната аболиција.

 

Лажетиќ: Недостига уште да се напишат имињата за кои се наменети измените

Недозволиво е Кривичниот законик да биде инструмент за политички преговори и да се предлагаат измени направени преку колено без каква било претходна анализа, вели професорката по казнено право на Правниот факултет во Скопје, Гордана Лажетиќ.
Според неа, очигледно е дека се злоупотребува политичкиот момент за да се одбегне кривична одговорност и за сериозни злоупотреби да се добијат условни казни.
„Со тоа се создава правна несигурност. Долгите затворски казни остануваат за обичниот граѓанин кој не е заштитен од политичка партија, иако многу поголема одговорност се очекува од оние кои добиле мандат од граѓаните да ја водат државата и нејзините институции“, нагласува Лажетиќ.
Како што вели, станува збор за целни измени, а не за јавен интерес.
„Недостига само уште да се напишат име и презиме на кого се однесуваат измените што се предлагаат“, вели универзитетската професорка.

Што предвидуваат членовите 353 и 165-а

Член 353
(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.
(2) Ако сторителот на делото од став 1 ќе прибави поголема имотна корист или ќе предизвика поголема имотна штета или потешко ќе ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.
(4) Со казна од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото овластување или должност.

Член 165-а
(1) Организатор на изборната кампања кој со непријавување на изворот на финансии на изборната кампања, со спречување на надзорот над трошењето на планираните средства, со неподнесување на финансиски извештај за потрошените средства, со пречекорување на законските ограничувања, со користење на недозволени средства за изборната кампања, со исплати спротивни на кампањата за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето со закон определено овластување како организатор на кампањата, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.
(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни одговорно лице во правно лице кое со непријавување на донации и други средства за финансирање на изборна кампања, со спречување на надзорот над финансирањето или помагањето на друг начин на изборна кампања, со неподнесување на финансиски извештај или со давање на лажни или непотполни податоци за дадени донации и други средства, со пречекорување на законските ограничувања на средства дозволени за изборна кампања, со обезбедување на недозволени средства за изборна кампања, со исплати спротивни на намената за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето овластување определено со закон.
(3) Тој што спротивно на ограничувањата определени со закон тајно ќе донира за туѓа изборна кампања или кампања за избори во кои самиот учествува со износ кој во поголема вредност го надминува законскиот максимум, ќе се казни со парична казна или затвор до три години.
(4) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
(5) Незаконски обезбедените средства се конфискуваат.

Александра М. Митевска