Ќе има електронско здравство, лекови и регистри за сите болести


Повеќе клучни проекти што ќе бидат во интерес на пациентите, но и на здравствените работници, најави денеска на својата прва прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

– Уверени сме дека имаме капацитет и дека мораме здравствениот систем што сега фукционира на работ на издржување да го трансформираме во европски модерен здравствен капацитет. Имаме човечки капацитет, знаења и за тоа што ни недостасува подготвени сме да се надоградиме- рече Филипче.

Тој посочи дека еден од клучните проекти ќе биде надградување на електронскиот систем „МојТермин“ и целта им е да се подобри квалитетот на здравствената услуга и да формираат интегриран здравствен систем во кој ќе има контрола и на потрошувачката и на вистинските потреби. Инициравме, појасни, да започне формирање на регистри на сите болести во Македонија.

Министерот нагласи дека времетраењето на прегледот ќе го договорат со директорите на клиниките и институциите, затоа што секоја струка е специфична и ќе инсистираат клиниките да примат административни помошници (кои ќе ги внесуваат податоците) на докторите, за тие да се фокусираат на прегледот на пациентот.

– Целта ќе ни биде да ја зголемиме експертизата на домашните лекари. Ќе инсистираме да се едуцираат во тие дејности, да почнат да ги нудат тие сервиси за кои плаќаме големи средства за лекување во странство. Сите болници ќе имаат обврска да ги тренираат нашите државни лекари за тие да стекнат експертиза – рече Филипче.

Тој нагласи дека има лекови за ретки болести, дека на почетокот на 2018 година треба да се распише тендер за следната година и планираат да преземат неколку чекори овој систем на снабдување да се подобри. Ќе се разгледа начинот за можноста за зголемување на средствата за тие лекови и подобрување на законската регулатива и сите постапки во врска со нивната набавка за да се спречи евентуален нивен децифит. Појасни дека наоѓаат начин тендерската процедура се зголеми од една на две години.

– Во моментот нема инсулинска криза, ќе ја подобриме процедурата за да не се дозволи ризик од недостиг на инсулин. Има околу 400 до 500 деца кои имаат дијабетес тип 1 и примаат инсулин. За да се спречи ризикот од ноќна гликемија има тракери кои се лепат на кожата – рече Филипче.

Во буџетот за идната година се предвидени средства за градежно завршување на болниците во Штип, Струмица и Охрид и ќе се распишат тендери за нивно опремување. Ќе се завршат болницата во Бардовци и бункерот за акцелератор во ГОБ „8 Септември“.

На докторите ќе им понудат подобри опции за едукација преку соработка со познати универзитетски центри во Европа. Се преговара со Фондот за иновации за да се етаблира нов Центар за истражување во рамки на Клиничкиот центар, каде може да се направат научно – истражувачки проекти кои се клучни во едукација на младите лекари.