„Северна“ ќе се роди на јужната граница ?


Прашање на денови е кога нашата земја официјално ќе стане Северна Република Македонија. Практичната примена на Преспанскиот договор, според проценките, може да почне следната седмица, кога би биле поставени првите табли со името Република Северна Македонија.
Сепак, од Владата не посочуваат конкретен датум, со објаснување дека треба да се почека во грчкиот парламент да заврши ратификацијата на пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО, по што се активираат неодамна донесените амандмани на Уставот. Владите на двете држави потоа треба да испратат известување до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, дека нашата земја отсега ќе го користи името Република Северна Македонија. Според неофицијални информации, нацрт- верзијата на известувањето до ОН е веќе подготвена.
Од владата сепак нема потврда дека првата табла со името Република Северна Македонија ќе биде поставена на еден од граничните премини со Грција, веројатно на „Богородица“, иако има такви навестувања, со оглед на заклучокот од последната јануарска седница на кабинетот на Зоран Заев. Според него, првите табли со новото име ќе бидат поставени на граничните премини, во дипломатско-конзуларните претставништва и на влезовите на државните институции. Што се однесува до институциите, има најави дека првата табла со Северна Македонија ќе биде поставена на зградата на владата, а потоа и на парламентот.
Согласно со владините заклучоци, надлежните министерства, државни органи и институции, јавните претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата во предвидениот рок по стапувањето на сила на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот, ќе треба да извршат промена на таблите. За истата таа постапка соодветни препораки ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, додека секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции добиваат насоки за употреба на уставното име согласно усвоените амандмани. Договорот од Преспа ќе се спроведува паралелно со Законот за употреба на јазиците, па сите државни табли ќе треба да бидат испишани и на албански јазик, а тоа ќе треба да го направат и општините во кои албанскиот јазик го зборуваат 20 отсто од граѓаните.
На вчерашната седница, пак, владата требаше да разгледа предлог-одлука за формирање меѓуресорска работна група за извршување на конечната спогодба меѓу Македонија и Грција. И додека владата заседаваше во Скопје, од аеродромот „Петровец“ за Брисел замина нашата делегација која денеска ќе присуствува на потпишувањето на пристапниот протокол за Македонија во НАТО. Во неа се шефот на дипломатијата Никола Димитров и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски.

„Влезницата“ за Македонија ќе ја потпишат амбасадорите во НАТО на 29- земјите членки и од тој момент нашата земја добива место на масата на алијансата и ќе учествува на сите поважни форуми на различни нивоа, без право да одлучува додека не заврши ратификацијата на протоколот. Тој процес на ратификација на протоколот во парламентите или владите (во Велика Британија и во Канада) на земјите членки вообичаено трае од 12 до 14 месеци, иако во случајот со Македонија имаше најави дека тоа би можело да биде и порано,односно уште во текот на оваа година.
-Има иницијатива на групата држави ‘Пријатели на Македонија’, предводена од САД, Велика Британија и Германија, кои сакаат да го забрзаат овој процес и се споменува рок до септември. Но, објективно ќе биде тешко. Да не ги креваме очекувањата на граѓаните. Сепак, има 29 земји членки, има држави кои се федерации, кои бараат квалификувано мнозинство… Меѓутоа, имаме ветување и гаранции од некои од нив, што се однесува до поединечните парламенти, дека ќе биде во најбрзо можно време – изјави Пендаровски.
Иако нема сѐ уште прецизен рок кога точно Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО, извесно е дека уште утре во парламентот во Атина почнува ратификацијата на протоколот, така што се очекува во петок да биде завршена целата работа. Во четврток протоколот ќе го разгледа надлежната Комисија за национална одбрана и надворешни работи, а веќе следниот ден тој ќе се најде на пленарна седница пред грчките пратеници. Предвидено е дискусијата и во Комисијата и на пленарната седница да траат по еден ден, што значи дека веќе следната седмица во земјава може да почне замената на таблите, додека за промената на документите и материјалите, со Преспанскиот договор се предвидени преодни рокови – еден технички, а другиот политички.
Следната седмица, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе присуствува по првпат на состанок на министрите за одбрана на НАТО – на 13 и 14 февруари во Брисел. Таа вчера во Скопје се сретна со хрватскиот вицепремиер и министер за одбрана Дамир Крстичевиќ, кој престојува во посета на земјава. Двајцата министрите за одбрана го оценија како историски успех за Македонија денешното потпишување на протколот за пристапување во НАТО. Двете земји беа своевремено заедно во тричлената Јадранска група, со тоа што Хрватска и Албанија добија покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година, додека нашата земја го чекаше тој чин цела една деценија.Крстичевиќ изрази задоволство што токму оваа недела е во Скопје, кога се случува овој историски момент за Македонија и додаде дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува нашата земјата на европскиот и евроатлантскиот пат – со пружање на сето знаење и искуство. На средбата со премиерот Заев, Крстичевиќ најавил и поддршка од Хрватска за Македонија во јуни да добие датум почеток на преговори со ЕУ. (А.М.М.)