Што ќе работи Стојанче Ангелов во М-НАВ?


Има повеќе безбедносни аспекти во кои е потребен ангажман на лице со ваков профил, објаснуваат во М-НАВ зошто го вработиле токму Стојанче Ангелов, лидерот на Достоинство.

„Како институција што треба да ги почитува препораките на Европската комисија, Еуроконтрол и ИКАО, неопходно е менаџирање во спроведувањето на безбедносната регулатива. На пример, во делот на физичкиот пристап кон уредите и позициите на Контрола на летање, од аспект на диверзии. Тука влегува и сајбер криминалот, што е можен, затоа што кај нас се користат системи и уреди кои имаат проток на информации. Потенцијален ризик е  зголемувањето на меѓународниот воздушен сообраќај од 4 отсто на светско ниво, што кај нас е уште поизразено, затоа што имаме раст од 26 отсто за неполна година и 17 отсто во делот на полетно-слетните операции. А колку што е во пораст сообраќајот, толку се зголемуваат и безбедносните ризици“, велат во М-НАВ.

Генерал Ангелов е предвидено да работи на координација и комуникација меѓу М-НАВ, МВР и АРМ. Она што е неопходно, нагласуваат во Контрола на летање, е јасно дефинирање на соработката.

„Клучните уреди за радиоконтрола се на Солунска Глава, која е под ингеренција на МВР и АРМ. Секогаш, а особено во зимски услови е важно кој ќе ни излезе во пресрет кога бараме асистенција за пристап. Или во делот на потраги и спасување. Тоа го има во регулативата, а Ангелов ќе треба да го реализира. Ќе има вежби во симулирани ситуации, во соработка со МВР и АРМ, за да не се случува како во минатото со часови да се бара каде паднал воздухопловот“, нагласуваат во М-НАВ.

Од таму се децидни дека во индустриската зона до аеродромот поголем пристап имаат граѓаните отколку нивните служби. Затоа пред еден месец им се случила кражба на помала трафостаница, а пред 15 дена групата што оперира на тој терен се обидела да ја откорне поголемата трафостаница во близина на Бањски Рид.

„Тој дел едно време го чуваше АРМ, потоа заднинските сили на НАТО, а сега се чува сам. Крадците ја извадиле вратата од трафостаницата, но виделе дека има висок напон, па се откажале. Безбедносна закана во зоната Чојлија има и од аспект на зголемување на бројот на објекти за домување. Потребно е да се преоценат безбедносните аспекти и влијанието на објектите во зоните на радарска контрола“, укажуваат од М-НАВ, додавајќи дека треба да се доуреди употребата на беспилотните летала. М-НАВ треба да одговори на секое барање за полетување на беспилотно летало од писта, но приоритет имаат армиските и полициските структури заедно со царинските структури и за потрага и спасување.

Анита Салтировска