Шестчленото семејство чии деца изгореа во пожар преживувало со 3.560 денари


Бараа социјален стан – не добија, бараа струја и вода во куќата дивиоградба – не добија, земаа социјална помош со која месецот не може да го помине еден човек, а не шестчлено семејство. Беа потонати во сиромаштија и надлежните тоа го знаеја, тврдат блиски на Никола Давчевски и Марина Антониевска, чии три мали деца изгореа во пожарот во Велес.

Семејството било познато на Центарот за социјални работи од Велес. Оттаму велат дека направиле сѐ што дозволуваат законите. Двајца социјални работници биле во куќата лани пред Нова година, кога фамилијата почнала да користи социјална помош. Увиделе и напишале во записник дека семејството живее во тешки услови.

– Социјална помош користат од 17 декември 2017 година. Претходно, мајката користеше пензија од претходен сопруг. Кога едниот син го прекина школувањето, пензијата прекина и станаа корисници на социјална парична помош. Се пријавија како петчлено семејство и добија 7.120 денари месечно. Но, затоа што претходно три години користеа друго право, законот вели дека сумата се преполовува на 3.560 денари. Потоа им се приклучи и шести член – изјави Азиза Џини, директорка на Центарот за социјални работи во Велес.

Пред Нова година, Центарот им одобрил еднократна парична помош од 3.000 денари.
– Им понудивме да земат стан под кирија, а Министерството да ја плаќа киријата. Не прифатија од нивни причини. Се обратија кај нас за социјален стан, но ние станови не даваме. Наводно, владината комисија им го одбила барањето, но кај нас никогаш не стигна известување од комисијата за ние претходно да направиме увид, како што е процедурата. Им понудивме да ги приклучиме за оброк во народна кујна, но одбија. Рекоа дека колку за јадење имаат – вели Џини.

Таткото не е евидентиран во социјалното дека одбил работа. Социјалните работници не регистрирале ни занемарување на децата.
– Мајката се грижеше за нив најдобро што можеше, во рамки на своите можности. Немаше никаква основа да се одземе родителско право – тврдат од велешкиот Центар за социјална работа.

Синот Стефан го прекинал школувањето во втора година средно. Рекол дека ќе работи со татко му. Најголем проблем им било што немаат каде да живеат.

– Таткото бараше социјален стан, но никогаш не го доби. Бараше од општината струја и вода, и од оваа и од претходната власт, му рекле дека не се надлежни. Во колку лоши услови живееја… објавувавме слики по социјални медиуми, апелиравме за помош. Тој подработуваше по нешто приватно, се бореше за семејството. Завчера, кога се случи трагедијата, зел дневница. Отишле со мајката да купат храна. Децата биле оставени сами десетина минути. Ги чувало најголемото, петгодишното девојче. Во куќата нема ништо што може да се запали – велат блиски на семејството.
Има сведочења дека и другпат се случувало најголемото девојче да ги чува помалите, оти родителите немале кому да ги остават кога излегувале да собираат картони и шишиња. Што од сведочењата е вистина, ќе утврдува истрагата.

Наводно, им се заканувал поранешен сопруг на мајката, кој претходно бил пријавуван во полиција поради семејно насилство. Последната закана била минатата недела. Затоа таткото во полиција рекол дека се сомнева оти пожарот е подметнат.
Според законите, право на социјална помош има невработено лице кое активно бара работа согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, материјално необезбедено и кое според други прописи не може да обезбеди средства за егзистенција. За материјално необезбедено се смета лице и домаќинство кое остварува приходи по сите основи пониски од износот на социјалната парична помош и кое не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува. За едно лице, помошта е 2.871 денар месечно. Највисоката е 7.120 денари, за домаќинство со 5 и повеќе членови. Но, по три години, овие суми се намалуваат за 50 отсто – за едно лице е околу 1.500 денари месечно, а за повеќе од пет лица е по околу 3.500 денари месечна помош.

Од граѓанските организации укажуваат дека и оваа сума што ја добиваат социјалните корисници е најниска во регионот.
„Таа сума е повеќе симболична, отколку што помага за живот. Со таа сума може само да се умре, а не да се живее. Тие пари нема да ја намалат сиромаштијата“, велат од организациите што ја следат сиромаштијата кај населението. Според Заводот за статистика, минатата година 26.160 домаќинства користеле социјална помош.

Општина Велес ќе обезбеди сместување и работа за едно дете
Општина Велес вчера требаше да одржи вонредна седница на Советот за да изгласа одлуки со кои ќе му помогне на семејството.
– Доколку државата не го реши проблемот со сместувањето на семејството, планираме Општината да закупи стан под кирија за нив. Тие немаат каде да живеат. Сакаме да издејствуваме и вработување за синот Стефан – ни изјави Аце Коцевски, градоначалник на општина Велес.
Тој вели дека локалната самоуправа и сега им помага на семејства под некаков ризик. Од буџетот на Општината се одделуваат пари за луѓе кои бараат помош за операција, за лекови, за да платат сметки… Тој не можеше да каже дали семејството на Никола Давчевски некогаш поднело такво барање до Општината.

Сунчица Стојановска Зоксимовска