„Шарените“ против заменик-директорите


Тивко, во приквечерина и без речиси никаква дискусија, во средата во парламентот се донесени измените на Законот за јавни претпријатија, со кој, практично се овозможи именување на нови државни функционери, односно заменик-директори во претпријатијата основани од Владата. Наспроти бурните реакции пред новогодишните празници, кога измените беа пуштени во собраниска процедура, по скратена постапка и со потпис на четворица пратеници од собраниското мнозинство – Александар Кирацовски, Реџаил Исмаили, Јусуф Хасани и Благојче Трпевски, овој пат во собраниската сала едвај се собра кворум за гласање, по што резултатот од изјаснувањето е 50 гласа „за“, осум „против“ и еден „воздржан“.
Гласовите за воведување нови функционерски места, главно, ги обезбедиле пратениците на СДСМ и на ДУИ, ама впечатливо е дека и гласовите „против“ во најголем дел се на парламентарци од мнозинството. Против законските измени гласале претседателката на Комисијата за култура Ирена Стефоска, претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања Павле Богоевски, како и пратеничката Ивана Туфегџиќ, кои се евидентирани како независни пратеници што влегоа на листите на СДСМ како учесници во „Шарената револуција“. „Против“ гласале и двете пратенички на ДОМ, која е исто така во коалиција со СДСМ – Маја Морачанин и Лилјана Поповска, како и Илија Николовски од Партијата на пензионерите, додека пратеничката на ЛДП Никица Корубин е единствената „воздржана“. Останатите два гласа „против“ се на опозициските пратеници Лилјана Затуроска и координаторот Никола Мицевски, додека другите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, како и од новата пратеничка група се регистрирани дека не гласале или дека не биле присутни. Тоа е уште една потврда за информациите дека едвај бил обезбеден потребниот кворум за донесување на измените на Законот за јавни претпријатија, со тоа што парламентарците од пратеничката група на СДСМ кои гласале „против“ прво наводно одбивале да влезат во салата, сè додека не увиделе дека внатре веќе има 61 пратеник.
Пратеничката Стефоска ни изјави вчера дека гласала „против“ затоа што во период кога се најавуваат сериозни реформи во администрацијата е апсурдно овој сектор да се трупа со нови непродуктивни кадри.
– Не можам да се согласам во ситуација кога ни е потребна сериозна реформа на јавната администрација, таа да се проширува со нови раководни позиции и за тоа да се трошат дополнителни средства од буџетот – вели Стефоска.
Новата претседателка на ДОМ, Морачанин, вели исто така дека средствата од буџетот што ќе бидат потребни за новите раководни позиции во администрацијата би можеле да се искористат на подобар начин.
– Нема потреба буџетот да се оптоварува дополнително за отворање нови функционерски места. Тие пари би можеле да се искористат за нешто покорисно и на порационален начин – вели Морачанин.
Со оглед на тоа што Законот е донесен набрзина, без многу расправа во парламентот и во матичната Комисија за економски прашања, вчера не можеа да се добијат попрецизни информации колку нови заменик-директори ќе бидат поставени, на кои точно претпријатија и колку средства од буџетот ќе бидат предвидени за таа намена. Кирацовски, кој е еден од предлагачите на Законот, вчера не одговараше на телефонските повици, додека Исмаили беше на службен пат во Берлин. Пратеници што ги консултиравме велат дека се споменувале бројки од 12 до 19 заменик-директорски места. Се знае дека законот се однесува на јавни претпријатија што се основани од Владата, иако опозициски пратеници тврдат дека, во текот на постапката, имало обиди и за амандмански интервенции со цел да се предвидат заменик-директорски функции и за јавните претпријатија на локално ниво. Под притисок на јавноста, која бурно реагираше на информацијата дека се воведуваат нови функционерски позиции во јавниот сектор, парламентарното мнозинство, наводно, се повлекло од намерата да се предвидат заменик-директорски места во сите можни јавни претпријатија.
Во Законот што беше донесен завчера, а на кој наводно инсистирала ДУИ за да може да назначи свои функционери во владините претпријатија што ги раководат кадри на СДСМ, не е посочено колку буџетски средства ќе бидат потребни за етаблирање на новите функционери и за нивните месечни примања. Единствено се посочува дека новата регулатива ќе има „финансиски последици врз буџетот и другите јавни финансиски средства“. Целта на Законот, како што е наведено во неговиот текст, е да се предвиди замена за раководното лице во јавното претпријатие – директорот, така што ќе се определи вработен кој ќе го заменува во негово отсуство и ќе го води тековното работење на претпријатието. Заменик-директорите ќе бидат избрани и разрешувани од Управниот одбор, под исти услови што важат за директорот. (А.М.М.)