Читај за Русија, пишувај за Македонија


Речиси истите зборови што веднаш по референдумот ги употребија руското министерство за надворешни работи и официјалните српски претставници, можеа да се слушнат и од вилата во Водно каде што претседателот Ѓорге Иванов го прогласи неделното гласање за неуспешно, а договорот за името со Грција – „мртов“. Зад декларативната желба за европска интеграција на Македонија доминира „ликувањето“ што не беше исполнет цензусот и шансата нашата земја да стане дел од европската безбедносна и интегративна архитектура. Дополнително, и новиот руски амбасадор во државава го даде првото свое интервју откако е назначен на функцијата во Скопје. Зборувајќи за руски „Спутник“, Сергеј Баздникин тврди дека е сосема јасно дека македонските гласачи не излегле затоа што се против решенија што се обидуваат да ги наметнат однадвор.

Русија не се мешала во референдумот

Очигледно е дека огромното мнозинство, речиси две третини од граѓаните, не сметаат дека договорот за Преспа меѓу Грција и Република Македонија е најдобар инструмент за надминување на овие разлики што постојат околу државното име Македонија. Факт е дека на референдумот излегоа само 36,9 отсто од гласачите со право на глас, а на него треба учество на 50 отсто плус еден глас. Резултатите од гласањето потврдија дека референдумот е неважечки. Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, тесно го следи процесот на решавање на овој проблем, и нашата принципиелна позиција останува непроменета: долгорочно решение може да се најде само кај граѓаните, без наметнување однадвор, строго во рамките на уставно-правниот поредок. Таа мора да се заснова на широка јавна поддршка и мора да се заснова на принципите и нормите зацртани во Повелбата на Обединетите нации“, вели Баздникин.

Според него, Русија воопшто не се мешала во внатрешните работи на Македонија, па дури и не давале јавни изјави во пресрет на референдумот за да не влијаат врз исходот, додека неговите западните колеги ја одбрале спротивната линија на однесување, споменувајќи ги посетите на високите странски гости.

Ние веруваме дека многу македонски политички и општествени сили, вклучувајќи го и претседателот на Република Македонија, не го прифаќаат договорот од Преспа и зборуваа против референдумот бидејќи сметаат дека тоа е грубо кршење на Уставот и законот на земјата. Во врска со тоа, тие имаат забелешки дека референдумското прашање се состои од три дела: вклучува три теми кои во принцип не треба да се поврзани една со друга“, потенцира рускиот амбасадор.

Баздникин уверува дека кај своите пријатели лично ги проверувал тврдењата дека Русија го попречува договорот со Грција со цел Македонија да остане надвор од ЕУ и од НАТО, но му било одговорено оти тоа не е точно.

Овие приказни се повторуваат и денес, во понеделникот, од страна на некои официјални лица во Европскиот парламент, и така натаму. Се разбира, нема докази за тоа, од едноставна причина – нема. Не мора да правиме работи во кои нашите западни колеги се многу искусни“, потенцира првиот човек на Амбасадата на Руската Федерација во Македонија.

На крајот, тој не крие дека е против ширењето на НАТО на Балканот и не мисли оти влезот на Македонија ќе влијае врз безбедноста и напоменува оти во тој случај природно ќе влијае врз односите меѓу двете земји. Тој смета дека Македонија и Русија можат многу подобро да соработуваат оставајќи простор нашата земја сама да одлучи дали сака да биде дел од „Јужниот тек“ кога е гасот во прашање.

Иванов од 2006 се декларира како проруски

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, вели дека воопшто не е изненаден што Иванов го кажува истото што го кажува и Москва бидејќи тоа било неговата идеолошка матрица.

Уште во 2006 година и неговиот познат текст ‘Читај за Русија, пишувај за Македонија’, тој воопшто не ги има променети своите ставови. Оттогаш до денес е предводник на прорурските сили. Лага е дека некогаш бил прозападно ориентиран. Дури и кога во јавноста се пуштаа ‘бомбите’ против раководството на ВМРО-ДПМНЕ, сите мислеа дека Никола Груевски ќе се сврти кон Москва. Но реалноста е дека Груевски никогаш не бил за Москва, рететираше од својата политика, пред сè поради притисокот од западните земји. Иванов, пак, не кокетира со Русија, туку тоа му е кредото“, зборува Пендаровски.

Во текстот Иванов ја споредува Македонија со Русија во транзицискиот период и тврди дека разликата од тогаш наваму ја правел Владимир Путин. Професорот Иванов аргументира дека Путин изградил специфичен политички систем, кој некои го нарекуваат контролирана демократија.

Имено, треба да има онолку демократија колку што дозволува нивото на развојот на општеството. Тоа што не може да се решава низ демократските институции и демократски процедури, не смее да се отфрла. Сето тоа се решава авторитарно, но со максимален хуманизам и либерализам“, пишува Иванов за подоцна да поентира дека со оваа политика бродот на Русија, кој имал 99 дупки и постепено тонел, почнува да плови.

Покрај тоа, образложува дека олигарсите во Русија грабаат, но и даваат за народот, така што и ние треба да го следиме рускиот пример, а Швајцарија да ни биде пример за стотина години кога ќе созрееме како општество.

И не само тоа. Туку во 2001 година по повод амандманите за уставните промени за Рамковниот договор, во една реченица вели дека ние сме мултиетничко општество, но оти мултиетничноста сега е ставена во државата. А кога се случувало тоа – неминовно доаѓало до распад на државата. Значи, и сега во 2018 година, тој само слепо си ги следи своите уверувања лажејќи дека е поддржувач на Европската Унија и на НАТО“, потенцира Пендаровски.

Во понеделникот вечерта Иванов побара одговорност од владејачкото мнозинство поради неуспехот на референдумот. На властите им порача да не се обидуваат да ја изменат реалноста и да не ја потценуваат суверената волја на народот.

Поддршката за ЕУ и НАТО од над 80 отсто ја сведовте на само 36,9 отсто. Ги манипулирате и нашите граѓани и нашите европски и евроатлантски партнери. Им пласирате лажни перцепции. Немаме дилеми дека местото на Република Македонија е во ЕУ и во НАТО. Но таму треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди“, рече претседателот. (Г.А.)