Четири илјади затвореници ќе се офајдат од амнестијата


Речиси 4.000 затвореници ќе имаат корист од новиот Закон за амнестија што влегува во Собранието. Предлог – законот ќе оди во редовна постапка и со него се предвидува „милоста“ да не важи единствено за убиства и кривични дела против избори и гласање, дела против државата, против половата слобода и половиот морал, злосторничко здружување и дела против човечноста и меѓународното право. Амнестијата ќе важи за сите што имаат правосилна пресуда за дела сторени до 20 септември годинава, што значи дека, на пример, продолжуваат процесите против актуелниот и поранешниот премиер, а нема надеж за владино простување на приведените за насилствата во Собиранието и за осудените за случувањата во Дива населба, бидејќи нивните дела не подложат на амнестија.

Предлог-текстот завчеравечер беше усвоен на владина седница. Од таму појаснуваат дека датумот е произлезен од јавната расправа и укажувањата на експертите. Анализите во Владата покажуваат дека на слобода ќе се најдат 670 осуденици на казна затвор до шест месеци, додека на 3.097 лица ќе им биде намалена казната за 30 проценти.

Според Владата, Законот за амнестија како израз на добра волја на државата кон одредена група на правосилно осудени лица, има за цел ресоцијализација и растоварување на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна, а притоа имајќи ги во предвид и условите во казнено-поправните установи во државата.

Целите што ќе се постигнат со донесување на Законот за амнестија се ресоцијализација на сторителите на кривични дела, финансиско растоварување на буџетот на Македонија во однос на издржувањето на затворската популација и пред сѐ јакнење на рехабилитацијата и помагање на реинтеграцијата на осудените лица“, велат од Владата.

Од осамостојувањето, во Македонија се донесени повеќе закони за амнестија. Првиот беше донесен уште во 1991 година и со него беа опфатени осудените лица кои се наоѓаа на издржување на затворска казна, како и оние кои се уште не беа упатени на издржување на казната. Во 1999 година беа помилувани лица осудени со правосилна пресуда од суд на поранешните југословенски републики, а во 2002 година беше донесен Законот за амнестија како дел од потребната правна рамка за реализација на Охридскиот договор. Законот предвидуваше ослободување од гонење, запирање на кривичните постапки и потполно ослободување од извршувањето на казната затвор на граѓаните на Македонија, лицата со законски престој, како и на лицата кои имале имот или семејство во Македонија, а за кои постоело основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година. Амнестијата се однесуваше и на лицата кои и пред први јануари 2001 година подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година. Закон за амнестија беше донесен и во 2003 година (ревидиран во 2004 година), а неговите одредби се однесуваа на граѓаните на Македонија кои не ја извршиле воената обврска.

Горан Адамовски