Црн вторник за креаторите на црниот четврток


„Сега, седум месеци подоцна, ова е очекувана разврска на насилството што се случи во парламентот на 27 април“, е првата реакција на пратеникот на НСДП, Горан Мисовски, кој таа критична вечер претседаваше со седницата за избор на Талат Џафери за нов собраниски спикер.

Коментирајќи ја вчерашната полициска акција по налог на обвинителството, со која се опфатени 36 лица, од кои седуммина се актуелни пратеници, Мисовски нагласува дека е добро што профункционира правната држава и притоа не очекува радикализација на опозицијата и на политичката ситуација во земјава.

„Секако дека имам посебни емоции кога се потсетувам на настаните на 27 април. Но, сега се е во рацете на судската власт. Без да прејудицирам чија било вина, очекувам судот да постапува согласно Уставот и законите и да овозможи правична завршница. Се надевам дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја остави судската власт да ја заврши својата работа. За ВМРО-ДПМНЕ, всушност, не остана веќе простор за радикализација, откако граѓаните на изборите во октомври им ја испорачаа фактурата, демонстрирајќи дека се против криминал и насилство“, вели Мисовски.

Тој ден, кој ќе остане запаметен како „црн четврток“ за законодавниот дом, Мисовски, како претседавач со седницата, се надвикуваше со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои се обидуваа да го спречат изборот на нов собраниски спикер, по што требаше да почне и процедурата за избор на новата влада на СДСМ, ДУИ и на „Алијансата на Албанците“. Веднаш по гласањето на пратениците од новото мнозинство, толпата народ почна да влегува во собраниската зграда..

Џафери не е само прв Албанец кој застанал на чело на парламентот во Скопје од почетоците на плурализмот во Македонија, туку е и првиот чиј избор на функцијата се одигра на „импровизирана“ седница и речиси пет месеци подоцна од одржувањето на парламентарните избори. Џафери не беше вчера во парламентот, каде што, уште од претпладне, растеше атмосферата на исчекување дали ќе стигне барање од судот за одземање на имунитетот на некој од пратениците кои беа приведени или по кои се трага како осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста – дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку 10 години.

Првиот парламентарец се јави од Шведска, каде што беше во службена посета, посочувајќи дека мора да реагира до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања ако има барање од судската власт за одземање на имунитетот на пратеник. Џафери има дилеми во однос на (не)почитувањето докрај на соодветната процедура во врска со одредбите од член 64 од Уставот, каде што е стриктно прецизирано дека пратеник не може да се лиши од слобода без одобрение на Собранието.

„Оваа одредба потоа ја прецизира Деловникот во деловите од член 53 до 59 во сите аспекти на спроведувањето на таа одлука на Обвинителството. Во тој контекст, сметам дека не се докрај испочитувани процедурите“, изјави Џафери.

Според Уставот, пратеник не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Со оглед на тоа што обвинителството бара притвор за сите осомничени за насилството во парламентот, се чини, извесно дека ќе треба да заседава Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања пред парламентот за да донесе конечна одлука дали на некој од осомничените пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе им биде одземен мандатот.
По игра на случајот, претседател на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања е Павле Богоевски, кој е еден од пратениците кои најмногу настрадаа од ударите на толпата која во април влезе во Собранието. Членови во оваа Комисија, во која партиите од мнозинството имаат пет, а од опозицијата четири претставници, се и пратениците Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски, кои се опфатени со истражната постапка за настаните на 27 април. Тогаш Мукоски и Тарчуловски беа меѓу пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за кои беше посочено дека ја отвориле вратата на парламентот за протестантите да може да влезат внатре.

Таа критична вечер, кога беа нападнати и повредени повеќе пратеници од новото мнозинство, меѓу кои и лидерите на Алијансата за Албанците и на СДСМ, Зијадин Села и Зоран Заев, како и Радмила Шекеринска, водачот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски не беше во Скопје, туку настаните ги следеше од Виена, каде што беше на средби со претставници на австриската Народна партија.

Груевски се појави вчера пред судот откако претходно, преку својот фејсбук профил, повика на протести. Потоа, Груевски, на прес конференција, обвини за политички прогон и за „брутална пресметка со слободоумните кои биле против реализирање на Тиранската платформа“.
Од СДСМ, пак, се јавија со соопштение, посочувајќи дека институциите имаат обврска да постапуваат согласно законските процедури и мора да има одговорност за сите учесници во насилството од 27 април годинава.

„Македонија е сериозна, демократска држава, со институции што имаат обврска пред граѓаните и Уставот да постапуваат согласно јасни законски процедури, за целосно расчистување на настаните од 27-ми април и соодветна законска одговорност на сите инволвирани. Насилството на 27 април беше напад врз демократијата во Македонија, врз уставниот поредок, обид за загрозување на животот на пратеници, а со тоа и напад врз сите граѓани на државата“, оценија од СДСМ.

Александра М. Митевска