Трка со рокови пред европскиот самит: Ратификацијата – следна „станица“ за преспанскиот документ


Почнува трка со рокови за ратификација на договорот што вчера го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција. Целта е овој дел од имплементацијата на договорот да заврши што поскоро – пред самитот на Европскиот совет во Брисел, на 28 и 29 јуни, каде што Македонија очекува да добие зелено светло за старт на преговори со ЕУ откако е отстранета најголемата пречка на тој пат.

Според најавите, македонската Влада би требало уште ова претпладне да го усвои договорот на вонредна седница, со оглед на тоа што нејзините редовни заседанија се секој вторник. Потоа, договорот би бил експресно испратен во парламентот, за спикерот Талат Џафери да може да закаже седница за негова ратификација. Тука, според проценките, почнува потешкиот дел од работата, со оглед на опструкциите што би можела да ги направи десничарската опозиција, чија бројност во законодавниот дом не е за потценување.

ВМРО-ДПМНЕ го прослави вчера својот 28 роденден со протести. Пораките што стигнаа од Битола не нудат многу простор за оптимизам дека опозицијата ќе се однесува конструктивно во текот на собраниската процедура за ратификација на договорот. Сепак, во редовите на владејачкото мнозинство се надеваат дека кај ВМРО-ДПМНЕ ќе натежне свеста дека не треба да го попречуваат добивањето датум за преговори со Унијата – сега откако потпишувањето на договорот за името е завршена работа и само останува грчкиот премиер Алексис Ципрас да ги извести за тоа ЕУ и НАТО. Дописот за тоа Ципрас треба да го испрати по ратификацијата на договорот во македонскиот парламент, како што е предвидено со билатералниот договор.

Сепак, проблемот е во тоа што за вакви случаи не е предвидено временско ограничување на дискусијата во македонското Собрание, вклучително со можните реплики, контрареплики и процедурални забелешки. Според тоа, теоретски, ВМРО-ДПМНЕ може да ја одолговлекува расправата барем до завршувањето на Европскиот самит.

Се очекува процедурата за ратификација на договорот да биде утврдена на денешната координација во парламентот, каде што ВМРО-ДПМНЕ и натаму нема свој претставник, поради непризнавањето на изборот на Џафери за спикер. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, не одговараше вчера на телефонските повици за да каже дали е договорено како опозициските пратеници ќе се постават во текот на расправата за ратификацијата на договорот. Неофицијално, од пратеничката група има најави дека повеќето пратеници, барем оние поискусните, планираат да се јават за збор и да дискутираат против договорот што го постигнаа Заев и Ципрас.

Проблем при ратификацијата може да биде и тоа што договорот, пред да почне пленарната расправа за него, треба да помине прво во Комисијата за надворешна политика, што ја води Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Поранешниот шеф на македонската дипломатија, во чие време се случи и „ветото“ од Грција за Македонија на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, во изминатите месеци често пласираше преку својот фејсбук-профил информации и шпекулации за текот и развојот на преговорите меѓу владините претставници од двете земји. Една од варијантите, според информациите, е законот за ратификација на договорот да биде пуштен во парламентот со европско знаменце. На таков начин расправата во матичната комисија би се ограничила на три дена.

Според неофицијални најави, за испраќањето на дописот до ЕУ и до НАТО нема да се чека „одобрение“ од претседателот Ѓорге Иванов, со оглед на тоа што се очекува документот да добие поддршка од седумдесетина пратеници од владејачкото мнозинство, вклучително со неколкумина од албанскиот опозициски блок. Доколку во предвидените седум дена по ратификацијата на договорот во парламентот Иванов стави вето, најавите се дека ќе се оди на негово брзо повторно донесување. Со тоа документот од Преспа би се сметал за валиден, со оглед на тоа што македонскиот Устав не предвидува можност за апсолутно претседателско вето, туку само право на претседателот на суспензивно вето при прво донесување на закон. (А.М.М.)