Сè помалку студенти, сè повеќе факултети


Започна постапката за формирање Агенција за квалитетот во високото образование. Одлука за тоа помина на вчерашната седница на Владата, на предлог на Министерството за образование и наука. Агенцијата, според најавите, ќе биде составена од три органи: Одбор за акредитација на високото образование, Одбор за евалуација на високото образование и директор на агенцијата. Оваа институција ќе биде одговорна за акредитација и за надворешно оценување на високообразовните установи.
Законот за високо образование беше усвоен во Собранието пред седум месеци, и во него стоеше дека агенцијата и органите во нејзиниот состав ќе се формираат во рок од една година од денот на неговото влегување во сила, најдоцна до 16 мај 2019 година. Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов за „Независен весник“ вели дека согласно Законот за високо образование директорот на агенцијата ќе го именува и разрешува Собранието.
„Одборот за акредитација на високото образование ќе биде орган што ќе ја спроведува акредитацијата на студиските програми и на високообразовните установи, а ќе биде составен од петнаесет члена. Шест члена ќе бидат од редот на професорите кои се во работен однос на универзитетите во земјава, шест члена ќе бидат именувани од Владата од редот на професорите кои се во работен однос на јавните универзитети, еден член од најрепрезентативната организација на работодавачите, еден член од Македонската академија на науките и уметностите и еден член од редот на студентите избран со тајно гласање од Интеруниверзитетската конференција. Членовите на Одборот за акредитација и Одборот за евалуација од редот на професорите, избрани од Интеруниверзитетската конференција и именувани од Владата треба да имаат објавено најмалку десет научни труда во референтна научна публикација, освен професорите по стручно уметнички предмети“, објасни Атанасов.
И Одборот за евалуација ќе биде составен од петнаесет члена кои ќе бидат именувани од истите институции, како и Одборот, а ќе биде задолжен за надворешно оценување на високото образование.

 

 

                   Една третина од барањата за нови студиски програми биле одбиени  минатата година
Актуелниот претседател на Одборот за акредитација и евалуација Владо Камбовски за „Независен весник“ истакна дека минатата година одбиле една третина од барањата за акредитација на студиски програми, а во периодот 2017 и 2018 година биле акредитирани 1.300 студиски програми. Меѓутоа, Одборот измината година не одзел акредитации. Камбовски забележува дека во земјава има преширока мрежа на високообразовни установи, односно 24 со над 130 факултети, дури повеќе од бројот на средни училишта, па е дециден дека тие треба да се рационализираат.

„Не сме одзеле акредитација на студиски програми оваа година, затоа што не беа спроведени постапки за евалуација, ама од барања што доаѓаа кај нас за оценување најмалку една третина ги одбивме како несоодветни за студиски програми. Високообразовните установи не беа реакредитирани и сега ќе почне постапката за тоа. Услов е и да има евалуација, да има групи кои ќе извршат длабинска анализа на работите во тие установи и на крај ќе дадат свои мислења, дали има доволно професори, дали се квалитетни програмите, дали имаат библиотеки. Во Македонија има преширока мрежа на високо образовни установи, 24 со повеќе 130 факултети, во нив има по над 700 студиски програми, а бројот на студенти од година во година се намалува. Оваа година на факултет се запишаа 17.000 студенти. Време е да се изврши рационализација.
Минатата година беа укинати дисперзирани студии на постојните универзитети во помалите места бидејќи имаше дуплирање и се случуваше во еден град да има четири правни факултети. Но и натаму останува преголемата бројка на универзитети и факултети, што сега треба да се селектираат низ ригорозни критериуми за гарантирање на квалитет, а тоа ќе биде работа баш на Агенцијата за квалитет на високото образование. Да започне со евалуација и, полека, она што е вредно да остане, а тоа што не е да се трансформира, да се редуцира и евентуално да се укине“, вели Камбовски.
Надлежните уште лани потенцираа дека од предлозите на различни институции, универзитети, студенти и од Професорскиот пленум произлегол општ консензус дека Одборот за акредитација и евалуација треба да се подели на два дела – орган кој ќе акредитира студиски програми и орган кој ќе го оценува квалитетот на високото образование. Според нив, сегашниот Одбор, така како што сега е поставен, не дава можност за да се посвети доволно внимание на мерење на квалитетот, туку повеќе е фокусиран на процесот на акредитација.

Вероника Мароска-Леова